ММС

Објавено на: 06/30/21 7:42 AM

„Евтините” заеми од Кина и политички ангажаман на Русија замена за ЕУ -Флоријан Бибер по бугарското вето

Бугарското вето е секако неоправдано и за жал националистичка злоупотреба на моќта на земја членка на ЕУ. На многу начини, тоа е дури и повеќе безобразно од грчкото вето затоа што става вето на земјата откако ја поддржуваше со години, не се спротивставуваше на претходните политики и потпиша договор за пријателство.

Ова го истакнува во интервју за МИА Флориан Бибер, професор на Универзитетот во Грац Австрија и добар познавач на приликите во регионот на Западен Балкан кој ќе учествува на Првата меѓународната конференција во рамките на Преспа форумот за дијалог – „Западен Балкан: делот што недостига за Европа да биде целосна”, што ќе се одржи на 1 и 2 јули годинава во Охрид и Отешево во организација на МНР.

Според него, нема многу симпатии за позицијата на Бугарија во ЕУ, која е, вели, дури и смешна, но смета дека таа оди во прилог на некои земји членки кои прикриено сакаат да го одложат проширувањето.

– Проблемот е во тоа што ЕУ е блокирана и што една членка може да ја задржи блокадата, освен ако остатанатите не ја направат цената за таквата позиција превисока. Неколку членки се обидоа да преговараат и да најдат решение, вклучувајќи ги Германија и Португалија како земја претседавач во заминување, но не беа успешни, вели Бибер.

Смета дека има можност да се реши прашањето со Бугарија по изборите закажани на 11 јули и до словенечкиот самит со Западен Балкан во октомври, но, вели, тоа ќе зависи од исходот од изборите во Бугарија.

– Пред избори секогаш е различно од по избори и мислам дека партиите може да се однесуваат поинаку, ако цената на непопустливоста е јасна, што зависи од другите држави на ЕУ. Доколку партиите останат на своите позиции по изборите, или затоа што притисокот на другите членки на ЕУ не е доволен или од домашни причини, како што се нестабилни и нејасни изборни резултати, тоа може да резултира со подолг застој. Проблемот е што колку подолго треба да се решава, толку потешко тоа станува, вели аналитичарот прашан дали е можно прашањето со Софија да се претвори во замрзнат спор, имајќи предвид дека сите политички партии во Бугарија, предизборно, се со исти ригидни позиции кон евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Флориан Бибер во интервјуто за МИА зборува и за евентуален посилен ангажман од САД за надминување на ветото од Софија, и за реалните опасности од евроскептицизам и дестабилизација на регионот поради блокадата на процесот на проширувањето.

Професоре Бибер, Софија останува на позициите да ја блокира евроинтеграцијата на Скопје. Како го оценувате продолженото вето од Бугарија за стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ?

– Бугарското вето е секако неоправдано и за жал националистичка злоупотреба на моќта на земја членка на ЕУ. На многу начини, тоа е дури и побезобразно од грчкото вето затоа што става вето на Македонија откако ја поддржуваше со години, не се спротивставуваше на претходните политики и потпиша договор за пријателство.

Кои се можните последици од ветото по билатералните односи и на релација Северна Македонија – ЕУ?

– Не мислам дека бугарската позиција има многу симпатии во ЕУ и изгледа прилично смешно. Некои земји членки можеби со задоволство се кријат зад неа, бидејќи им дозволува да го одложат проширувањето. Земјите кои се ангажирани во регионот се фрустрирани од позицијата на Бугарија. Проблемот е во тоа што ЕУ е блокирана и што една членка може да ја задржи блокадата, освен ако остатанатите не ја направат цената за таквата позиција превисока. Неколку членки се обидоа да преговараат и да најдат решение, вклучувајќи ги Германија и Португалија како земја претседавач во заминување, но не беа успешни.

Колку е реална опасноста од евроскептицизам и дестабилизација во регионот, како и од вмешување на трети страни (Русија и Кина)?

– Се плашам дека евроскептицизмот во Северна Македонија е реален и разбирлив. Јас не сум евроскептик, но исто така сум длабоко фрустриран од однесувањето на ЕУ. Мислам дека пораката треба да биде дека некој може да биде критичен кон ЕУ, поради начинот на којшто таа работи во моментов, без да биде против ЕУ. Важно е да се запамети дека има многу различни гласови во ЕУ, вклучително и оние кои ја поддржуваат Северна Македонија и проширувањето. Русија може да биде задоволна од некохерентноста на Европа, иако има разлика во однос на Кина, која го гледа регионот како дел од Европа и иако сигурно сака да најде земји на кои може да влијае преку нејзиниот економски ангажман, не сака да ја запре интеграцијата во ЕУ, за разлика од Русија. Ниту едната, ниту другата немаат многу што да понудаат, освен некои политички ангажмани од Русија и „евтините” заеми од Кина. Затоа не мислам дека тие нудат алтернатива, но тие можат да ги усложнат работите со давање илузија на алтернативи.

Кои се излезните решенија по ветото и дали ќе мора да се чека на стабилна влада во Софија?

– По изборите и до словенечкиот самит со Западен Балкан во октомври има можност да се реши ова прашање. Секако, тоа ќе зависи од исходот од изборите во Бугарија.

Дали може прашањето со Софија да се претвори во замрзнат спор имајќи предвид дека сите политички партии во Бугарија, барем сега, предизборно, се со исти ригидни позиции кон евроинтеграцијата на Северна Македонија?

– Пред избори секогаш е различно од по избори и мислам дека партиите може да се однесуваат поинаку, ако цената на непопустливоста е јасна, што зависи од другите држави на ЕУ. Доколку партиите останат на своите позиции по изборите, или затоа што притисокот на другите членки на ЕУ не е доволен или од домашни причини, како што се нестабилни и нејасни изборни резултати, тоа може да резултира со подолг застој. Проблемот е што колку подолго треба да се решава, толку потешко тоа станува.

Притисокот од Берлин, Париз и други европски центри врз Софија не даде резултат. Дали е можен пробив со евентуален посилен ангажман на САД?

– Не сум сигурен дека Париз некогаш бил толку сериозен во намерата да го смени ставот на Софија, бидејќи, Франција беше скептик во врска со проширувањето и иако можеби не се залагаше, тоа го прави со помалку кредибилитет и убедување од другите. САД би можеле да бидат клучни тука, но зависи од тоа колку далеку се подготвени да се зафатат по ова прашање. Изјавите од претставници на Стејт департментот се охрабрувачки.

Претседателот Пендаровски рече дека по одбивањето од ЕУ, Северна Македонија треба да се сврти кон посилна соработка со САД. Кој е вашиот коментар?

– Има смисла да се изградат добри односи со САД и тоа може да помогне да се надмине ќорсокакот. Сепак, САД се фокусирани на друго место и нема да можат да ја заменат ЕУ. Во оваа смисла, јас го гледам неговото залагање да ги предложи САД како начин да се изврши притисок врз ЕУ и да се создаде повеќе плуралистичка надворешна политика, но на крајот на денот, станува збор за придобивање на сојузниците во ЕУ. Во крајна линија, силните добри билатерални односи со земјите членки на ЕУ не можат да бидат запрени од Бугарија и ќе имаат силен позитивен ефект, економски и политички.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1