ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/28/21 11:17 PM

(ФОТО) Шок во Букурешт: Швајцарија подобра во пенал-драмата од светскиот шампион Франција

Еден од најспектакуларните натпреварувачки денови во историјата на Европските првенства, заврши онака како што и започна. Со многу тензија, драма, продолженија и пенал-рулет, актуелниот светски шампион Франција испадна во 1/8 финалето од храбрата Швајцарија и го заврши своето учество на ЕУРО 2020.

По трилерот со осум голови на дуелот Шпанија-Хрватска и победата на „црвената фурија“ од 5:3 по продолженијата од двапати по 15 минути, вечерниот термин во нокаут-фазата на гледачите им приреди уште едно во низата фудбалски класици за паметење.

Пенал-рулетот се покажа како среќен за репрезентацијата предводена од Владимир Петковиќ, која за првпат во својата историја се пласираше во 1/4 финале на еден голем собир. На моменти и препотентното издание и однесување на Французите на теренот, беше инстантно казнето во последните мигови од регуларниот дел.

Ладен туш за триколорите во 15-тата минута пристигна после центаршутот на Цубер и езгекуцијата на Сеферовиќ со глава од непосредна близина. Швајцарците играа компактно и организирано, недавајќи им простор на светските прваци да развијат типична игра. Несфатливиот експеримент на Дидие Дешамп со конвертирање на дефанзивната линија со пет играчи и вметнување на Ленгле во првиот состав, не вроди со плод, напротив, играчот на Барселона практично беше директен виновник за лошото маркирање на Сеферовиќ и примениот гол.

Дешамп уште на полувремето ја увиде грешката и го замени Ленгле за Коман, но несмасниот фаул на Павар во шеснаесетникот над Ѕубер, ја донесе Франција пред портите на елиминацијата уште во 55-тата минута. За нивна среќа, обидот на Родригез од белата точка одлично го процени Љорис и го остави во игра својот тим. А потоа – бура од голови и иницијатива на Франција во следните 20 минути.

Бензема во 57-ма и 59-та минута одлично ги проследи асистенциите на Мбапе и Гризман за целосен пресврт на натпреварот. Црвено-белите делуваа изгубено на „Националната Арена“ во Букурешт и се чинеше дека со евро-голот на Погба во 75-тата минута, нивното учество на првенството е окончано.

Сеферовиќ и супер-замената Гаврановиќ не мислеа така. Прво напаѓачот на Бенфика намали на 2:3 во 81-та минута на сличен начин како и на почетокот на двобојот, а потоа Гаврановиќ ги шокираше француските навивачи во последните секунди од соочувањето.

Заморените фудбалери на двете селекции не успеаа да го преземат водството во 30-те минути дополнување, па патникот во 1/4 финалето за првпат на ова ЕУРО 2020 мораше да се решава преку пенали.

Гаврановиќ, Погба, Жиру, Аканџи, Турам, Варгас, Кимбембе и Мехмеди беа прецизни од 11 метри. Едно име, потенцијалниот предводник на новата генерација на фудбалери, стави точка на слабите индивидуални изданија на турнирот, но и на овој меч. Мбапе шутна неодлучно, Зомер одбрани и испиша историја за својата репрезентација.

Неискористените прилики во текот на дуелот и генерално ноншалантниот пристап на целиот шампионат, ја испратија Франција „дома“, со многу теми за размислување, особено за селекторот Дешамп.

Швајцарија во следната фаза ќе ги вкрсти копјата со Шпанија.

 

 

 

Фото:

Twitter / @EURO2020

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1