ММС

Објавено на: 06/30/21 12:44 PM

Македонија и Албанија безобразно и необјасниво долго чекаат за почеток на преговори, порача Милановиќ по средбата со Пендаровски во Загреб

Специјално за ММС од Загреб, Вања Мицевска

 

Изјавата на португалската државна секретарка за европски прашања, Ана Паула Закаријаш дека јазикот на Северна Македонија бил дел од бугарскиот јазик е резултат на незнаење и невнимателност. Ова е ставот на хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ кој денеска порача дека кога се влегува во нечиј интимен простор, во деликатни работи како идентитетот, правото на име и правото на јазик, тоа не завршува добро особено ако, како што вели, мотивите се опортунистички.

„Живееме во цивилизирано општество, во ЕУ која претставува заедница на повеќе нации. Таа изјава од една министерка е резултат на незнаење и невнимание. Јас не сакам да бидам невнимателен во моите изјави, бидејќи можеби ќе и’ наштетам на Македонија. ЕУ одамна не е заедница на некои униформирани вредности туку на некои сличности и што побргу тоа го сфатиме ќе одиме кон ЕУ. Ако не го сфатиме ќе одиме назад бидејќи ЕУ има свои лимити до кои може да се оди. Сигурно не може да се оди над лимитите на националните држави“, изјави Милановиќ по денешната заедничка прес конференција со нашиот претседател, Стево Пендаровски.

Одговарајќи на новинарско прашање како ја оценува изјавата на Закаријаш, тој истакна дека би било погрешно кога Хрватска би го оспорила јазикот на своите соседи.

„Што ќе биде ако Хрватска го доведе во прашање црногорскиот јазик? И Босна и Херцеговина е наша соседна држава и тешко е на некој да му го одречеш правото да се нарекува со некое име и со тоа име да го нарекува јазикот. Значи за мене е нормална работа босанскиот јазик, што би било кога би го оспориле? Тоа е погрешно и неморално. Црногорскиот јазик исто така. Тој е дел од идентитетот на таа држава“, додаде хрватскиот претседател.

Според Пендаровски пак, полошо од историчари во политика е кога „политичари се обидуваат да толкуваат историски епохи“.

„Јас жалам поради погрешната изјава која во суштина ги поткопа сите напори на нејзиниот колега од истата влада, Силва кои тој ги правеше месеци наназад за на крајот да излезе со еден одличен балансиран предлог водејќи сметка за виталните национални интереси и на Северна Македонија и на Бугарија. Португалското претседателство заврши, јас се надевам дека нашите пријатели од Словенија кои го преземаат кормилото на ЕУ во следните шест месеци ќе продолжат по истата патека.“, додаде Пендаровски.

Осврнувајќи се на словенечкото претседателство со ЕУ кое претстои, Милановиќ оцени дека Македонија и Албанија „безобразно и необјасниво долго чекаат за почеток на преговори“.

-Македонија работи на тоа со посебен напор, со посветеност. Албанија исто така. Јас одамна уште како премиер зборував дека Албанија е на „мраз“, а тоа не е интелигентно. Албанија е држава каде мнозинското население е од албанска вероисповед. Тоа може да се протолкува дека се на „мраз“ бидејќи повеќето граѓани се од исламска вероиспед, па треба да се донесе одлука може ли земја која мнозински е населена со муслимани да биде членка или се праќа порака дека не може? Според мене може и мора, а ако тоа се одолговлекува луѓето ќе сфатат некои пораки па ќе се отиде во друг правец. Необјасниво и непаметно долго чекаат. Треба да почнат што поскоро со преговори, а ваквите пораки се дискриминирачки – додаде тој.

Според Пендаровски, долгото чекање за отпочнување со преговори е незаслужено, но вели дека не му се допаѓа замрзнувањето на евроинтеграциите во пакет.

-Не можам да видам ситуација во која ние би рекле „не почнувајте преговори со Албанија ако Бугарија нас не’ блокира. Немаме право да бараме да нема датум. Морално е да кажеме „господа од Албанија повелете напред“. Се надевам дека после бугарските избори ќе направиме пробив, но ако не, кои сме ние да кажеме Албанија да не прогресира ако нас не’ блокираат – истакна претседателот.

Тој е оптимист во однос на словенечкото претседателство бидејќи како што вели, Словенија е еден од најдобрите адвокати за цел Западен Балкан.

„Прашање е дали ќе најдете друга држава освен Хрватска која толку добро го знае регионот и менталитетот. Јас имав средба со словенечкиот претседател, а и на форумот во Охрид ќе имаме прилика да потврдиме дека сме на иста линија. Немам сомнежи дека Словенците ќе бидат одлични претседавачи во однос на интеграцијата на Западниот Балкан“, додаде Пендаровски.

Заедничката прес конференција денеска беше организирана во рамките на дводневната посета на Пендаровски на Хрватска. Тој е првиот претседател кој доаѓа во официјална посета по изборот на Милановиќ за шеф на државата.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1