ММС

Објавено на: 06/23/21 7:00 PM

(Видео) Плачењето се слуша и денес, оставил на улица 40.000 луѓе за да изгради бункер – Ексклузивно од Палатата на Чаушеску во Букурешт

Плачот на речиси 40.000 станари кои морале да се иселат од ридот Уранус, а да се изгради најголемата и најтешката палата во Европа за да се задоволат апетите на романскиот диктатор Николае Чаушеску и денес се слуша во долгите тунели на објектот која можеби е најголемиот светски симбол на комунизмот.

Во 1982 година централната населба Уранус била срамнета со земја и покрај тоа што била дом на Националниот архив, манастирот Михаи Вода и болницата Бранковенец и на 37 стари фабрики и работилници.

– Толку бил самобендисан што сакал да му го смени изгледот на градот и да го направи центар на комунизмот. Во центарот на градот изградил државни згради и објекти кои од птичја перспектива го формираат зборот “Викториа“ (победа). Бидејќи реката која минува низ центарот, Дамбовита му пречела во идејата, го преместил цел  нејзин тек и направил вештачко корито само за да го чита зборот победа кога ќе лета со својот хеликоптер – раскажа 50-годишен граѓанин на Букурешт за стресот кој го преживеал како млад човек додека Чаушеску се расфрлал со народните пари.

Операцијата на порамнување и иселување ја водела романската војска за да се намалат високите трошоци, а на расчистувањето и изградбата работеле помеѓу 20.000 и 100.000 луѓе на проектот во три смени предводени од 5.000 војници и офицери и голема бројка на „волонтери“.

Изградбата на Палатата на парламентот требала да биде врвот на „Систематизацијата“ – програма на Чаушеску за урбано планирање која ја смислил додека бил на турнеја во Северна Кореја во 1971 година. Земјотресот во Романија во 1977 година само му дал повод на Чаушеску да ги демолира сите стари делови на Букурешт за да направи социјалистичка архитектура, односно да гради копија на Пјонгјанг.

На натпревар за архитектура, довербата на Чаушеску ја добила 28-годишната Анка Петреску. Таа контролирала 10 архитекти асистенти, а тие биле контрола на други 700 архитекти и градежни инженери.

Зградата има осум ката под земјата и бункер за заштита од нуклеарни бомби со ѕидови дебели 1,5 метри и кој е поврзан со сите главни институции во Букурешт преку тунели долги 20 километри.

Зградата, висока 84 метри има површина од 365.000 м2 и е најтешката во светот со тежина од 4,098 милијарди килограми или 4,10 милиони тони. За изградбата на неколку сали и 1.100 канцеларии и соби биле употребени 3.500 тони кристали за 480 лустери, 1.409 тавански светла и огледала, 700.000 тони челик и бронза за големите врати и прозорци, еден милион кубици мермер, 900.000 кубици дрво за паркетот, 200.000 м2 волнени теписи со разни димензии и стотици метри позлатени завеси.

Романците не сакаат да зборуваат многу за него и неговите мегаломански проекти, посебно оние постарите кои учествувале во Револуцијата во 1989 година. Неофицијално, тие велат дека менувањето на ликот на градот и изградбата на овие градби била само маска за да го направи најголемиот проект во историјата на човештвото.

– Сите големи градови имаат големи реки. Низ сите европски метрополи минувал Дунав, но не и во Букурешт. Тој сакал да направи ново речно корито и да го смени текот на реката со тоа што ќе ја донесе во Букурешт – вели еден од митовите за Чаушеску.

Дел од нив сепак му оддаваат признание на диктаторот само за една  работа, за намалувањето на странскиот долг кој бил целосно отплатен во 1989 година, четири месеци пред падот на Чаушеску.

– После земјотресот од 1977 година следуваше изградба на земјата, но и борба за живот. Со цел да го отплати долгот, тој нареди извоз на земјоделските производи, што нас не остави гладни. По продавниците немаше многу избор на храна, полиците беа празни, немавме ниту огрев. Барем ги отплативме долговите кон Западот кој не задолжуваше само поради влијанието на Советскиот сојуз – рече за ММС, 60-годипна продавачка на сувенири во Стариот град која не беше баш убедена дека требало да им се случи пад на режимот и демократизација.

Падот на Чаушеску е еден од најконтроверзните настани во историјата на човештвото. Тоа се случило откако во ноември 1989 година бил избран повторно за лидер на РКП што довело до организарање на голем митинг на 21 декември што преминал во насилство, неколку часа после неговиот телевизиски говор.

– Луѓето тргнале кон Палатата револтирани и со оружје во рака, а тој им зборувал дека ќе добијат субвенции за земјоделие. Затоа тој и жена му на Божиќ добија смртна казна  и беа погубени во Трговиште од капетанот Јонел Боеру – истакна за ММС вработен во романскиот Парламент.

И 32 години по неговата смрт, Палатата се уште не е довршена. Во 1989 година трошоците за градбата надминале 1,75 милијарди долари, а во 2006 година достигнале три милијарди. Медиумскиот магнат Руперт Мардок во 1990 година се обидел да ја купи зградата за една милијарда, но понудата била одбиена.

Текст и видео: Орце Костов

Фото: Вангел Тануровски

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1