ММС

Објавено на: 06/22/21 10:13 PM

Хрватска славеше на „Хемпден Парк“ и се пласираше во 1/8 финалето

Можеби и најдобрата тимска партија на хрватската фудбалска репрезентација во последните две години, пристигна на „Хемпден Парк“ тогаш кога е најпотребно. Хрватска успеа да победи во третото коло во групата Д и да се пласира помеѓу шеснаесетте најдобри во Европа.

Евидентната разлика во квалитетиот, со посебен акцент на индивидуалниот, беше пресудна во решавачкиот двобој на Шкотска и Хрватска. Враќањето на Марсело Брозовиќ во првиот тим и поместувањето на Лука Модриќ понапред на позицијата „десет“, го искупи Златко Далиќ за слабите тактички изданија на претходните дуели со Англија и Чешка.

Шкотите во Глазгов наметнаа високо темпо во почетните 15 минути и изненадувачки им ја „сокрија“ топката на Ковачиќ, Брозовиќ, Власиќ и Модриќ. Казната за селекцијата предводена од Стив Кларк следуваше веднаш по неискористувањето на шансата на Че Адамс. Во сенка на спектакуларниот погодок на Лука Модриќ и уште едното во низа одлично издание на Иван Перишиќ, веројатно и играчот на натпреварот, Никола Власиќ, од непосредна близина шутираше прецизно и го освлада голманот Дејвид Маршал.

Кога Хрватите ја презедоа теренската иницијатива и почнаа да креираат шанси и полу-шанси, тогаш се случи обратното. Шкотска при крајот на првиот дел изедначи преку Калум МекГрегор и отиде во соблекувалната со надеж дека уште еден погодок во продолжението ќе ја однесе во нокаут-фазата за првпат во својата долга историја.

Головите паднаа, но сепак во мрежата на домаќините. Најдобриот светски играч во 2018 година, Лука Модриќ, ја манифестираше уште еднаш својата големина постигнувајќи фантастичен погодок „со надворешна“ во 62-та минута. Топката која „не ја бранеа двајца голмани“ практично го реши двобојот, со оглед на тоа дека Шкотска до крајот на мечот не успеа да се издигне, а во 77-та минута токму по нафрлањето од корнер на Модриќ, Перишиќ со глава, нетипично за него, го постави финалниот резултат од 3:1 и резервираше билет за „коцкестите“ во осминафиналето.

Хрватска сега како второпласирана, поради подобрата гол разлика од Чешка (еден постигнат погодок повеќе), ќе се соочи со второпласираната репрезентација од групата Е, каде што играат Словачка, Полска, Шпанија и Швеска.

На вториот дуел вечерва од групата Д, Англија на „Вембли“ минимално ја порази Чешка со 1:0, a Рахим Стерлинг повторно стрелаше за Англичаните и им донесе радост на трибините. Сега Англија како првопласирана, ќе го чека третиот од „групата на смртта“ во која партиципираат Франција, Португалија, Германија и Унгарија.

 

 

 

Фото:

Twitter / @EURO2020

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1