ММС

Објавено на: 06/21/21 10:51 PM

Шпанскиот премиер најави помилување на затворените каталонски лидери

Шпанскиот премиер Педро Санчез денес објави дека ќе предложи помилување на девет затворени лидери на каталонските сепаратисти, јавува Агенција Анадолија (АА).

Во обраќање во историскиот театар „Лисео“ во Барселона, Санчез истакна дека својот предлог ќе го изнесе на утрешниот состанок на Владата, каде што би требало да помине.

Помилувањата се однесуваат на каталонските политичари и активисти кои стојат зад неуспешниот обид за прогласување независност на Каталонија во 2017 година и нелегитимниот референдум. Тие се осудени на казна затвор до 13 години.

„Ако има време за обединување, тоа е сега. Оттука треба да го започнеме патот кон заедничко живеење во хармонија и во една нормалност“, рече Санчез. „Пандемијата нè трансформира. Сфаќаме што е навистина важно во животот. Сфативме колку многу сме си потребни едни на други.“

Неговата најава, сепак, не беше доволна за да ги задоволи сите каталонски сепаратистички активисти. Стотици протестираа велејќи дека помилувањата не се доволни. Тие бараат амнестија за политичките лидери, вклучително и оние што ја напуштија земјата, и референдум за независност.

Неколку клучни каталонски лидери, меѓу кои и сегашниот претседател Пере Арагонес, одбија да присуствуваат на настанот.

Надвор од круговите за посакуваната независност, помилувањата се исто така непопуларни. Според анкетата спроведена за весникот „Ел Мундо“, 61 отсто од Шпанците се против помилувањето на каталонските лидери кои се за независност.

Но, Санчез истакна дека овој потег ќе понуди нов почеток на Шпанија и Каталонија по повеќегодишните тензии. Тој исто така застана во одбрана на законитоста на помилувањата.

„Ова е нов проект за Шпанија, нов простор ослободен од грешките направени во минатото. Треба да престанеме меѓусебно да се делиме и убеден сум дека ова е голем консензус на каталонскиот и шпанскиот народ.“

Тој не изјави ништо во однос на референдумот за независност или за евентуална промена на Уставот за да се дозволи референдум.

„Не можам да ја замислам Шпанија без Каталонија, ниту Каталонија без Шпанија“, рече шпанскиот премиер.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1