ММС

Објавено на: 06/22/21 10:01 AM

(Видео) ММС ве води во малиот Париз на Истокот – Букурешт на дланка

Старите истрошени куќи и згради со распадната фасада на патот од мостот на Дунав и гратчето Георгиу кон Букурешт на прв поглед ќе ве потсетат на диктатурата на Николае Чаушеску, но како што навлегувате во територијата на градот ќе забележите дека романската престолнина, конечно,  после повеќе од триесет години од падот на режимот излегла од неговата сенка и го оправдала епитетот „малиот Париз на Истокот“.

Ниту војната, ниту бројните земјотреси, ниту пак програмата на Чаушеску за национализација и систематизација на објектите не го поколебаа Букурешт да се издигне од пепелта и да стане културна, индустриска и финансиска престолнина на Романија која во последните неколку години доживува економски бум.

Неофицијално во Букурешт живеат нешто помалку од четири милиони луѓе, а тој е шестиот по големина град во Европската унија.

Организирањето на Еуро2020 после краток период од завршувањето на локдаунот кој беше на сила во Романија поради разгорената пандемија на Ковид-19 докажа дека Романците ја донеле Европа кај нив, а не обратно.

– Ова е град кој нуди добра иднина и во последните неколку години стана културна престолнина во Источна Европа. Се вклучивме во организацијата на Еуро2020 за да покажеме дека Романија е модерна европска демократска држава чија одлика се гостопримството и насмевката – истакнаа волонтерите на УЕФА во медицинскиот центар пред стадионот каде што можеа да се набават алките за влез на Националната арена.

А, ако нешто е слично помеѓу Македонија и Романија, тоа се гостопримството и широката насмевка. Романците насмеани ги пречекуваа гоститите во рестораните, а полицијата ни беше вистинско откровение.

На денот кога се играше првиот натпревар со Австрија, тимот на ММС заглави во сообраќајот, а полицијата го запре сообраќајот за да не упати до првиот слободен паркинг и притоа ни посака големо добредојде. А, ние по домашна навика, бевме исплашени да не добиеме казна што сме влетале во погрешна лента и го закочивме сообраќајот.

До стадионот и до секој дел од Букурешт може да се користи одличниот јавен транспорт кој се состои од букурешкото метро, како и надземниот транспортен систем составен од автобуси, трамваи, тролејбуси и железница.

“Ако сакате да одите на аеродром или да ги прошетате големите трговски центри надвор од градот, ве молиме да користите Убер, а не класично такси затоа што тие работат на усмен договор и најчесто бараат двојно повеќе кога ќе видат дека сте туристи“, не опомена еден од полицајците пред Националната арена кога решивме да се враќаме кон центарот.


А додека одите кон Стариот град може да се забележи колку земјата вложува во животната средина. Буквално секоја зграда во секоја населба е опколена со високи дрва и зелени тревни површини кои се белите дробови на Букурешт.

Стариот град е душата на Букурешт. Во него се сместени сите историски објекти почнувајќи од Националната банка на Романија, Музеите и Театрите, како и неколку православни цркви.

Сепак, за фановите на Еуро2020, како и за романските граѓани најважни се рестораните, пивниците и кафулињата.  После неколку месеци биле повторно отворени и гласната музика почнала да ечи се до кејот на реката Дамбовица.

Згодни девојки кои стојат пред секој ресторан или кафетерија и ве примамуваат со својата насмевка да го изберете токму нивниот локал е романска традиција, исто како и романските колбаси кои се едни од највкусните во светот.

Но, откако пристигна македонската фаланга во саботата навечер, Романките сфатија дека за време на Европското првенство нема потреба да ги убедуваат македонските фанови да влезат кај нив.

– Не потсетивте на лудите ноќи од пред две години. Ние Романците сакаме да се забавуваме, да јадеме добра храна и да пиеме многу пиво. Ноќниот живот беше неверојатен кај нас, цените пристојни и имаше забави за сечиј вкус. Македонските навивачи се симпатични и им прирасна на срце и на обичните граѓани во Букурешт – истакна девојка задолжена за пречек и сместување на гостите во позната пивница.

Оние што сакаат да ги посетат најзначајните знаменитости, после добро пиво, колбаси и ребра во сос, може да почнат од плоштадот пред Универзитетот од каде што почнала големата револуција во 1989 година, а потоа да се упатат кон Меморијалниот центар на преродбата кој е стилизиран столб од мермер, откриен во 2005 година за да ја овековечи револуцијата што го отфрли комунизмот. Споменикот предизвикал контроверзии оти личел како „маслинка на чачкалица“.

Туристичкото разгледување може да заврши пред Палатата на парламентот изградена во 1980-те за време на комунистичкиот диктатор Никола Чаушеску. Тоа е најголемо здание во Европа и второ во светот по Пентагон, САД.

Испитот по историја може да се помине од прва, но часот по географија и пронаѓањето на трговските центри кои се расфрлани низ градот може да трае со часови ако не ги знаете точните линии на градскиот превоз или немате навигација ако патувате со кола затоа што Букурешт лежи на огромна географска површина во која се испреплетуваат и неколку езера и големи паркови.

Сместувањето во Букурешт е релативно поевтино од западните метрополи и една ноќ во хотел може да ве чини од 30 до 50 евра, а апартман се изнајмува за околу 40 евра. Тој е вистинскиот град за оние што обожаваат колбаси и точено пиво и за оние што пијат повеќе кафе отколку вода затоа што во Букурешт може да се најдат повеќе кафулиња на „Старбакс“ и повеќе пивници отколку супермаркети за храна.

Текст и видео: Орце Костов

Фото: Вангел Тануровски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1