ММС

Објавено на: 06/19/21 6:15 PM

(Видео) Нека пука тапанот колку сака, ќе го лепам се додека игра Македонија – Кој е Тоше Цебов, најславниот навивач на Еуро2020

Ниту самиот Тоше Цебов не можеше да претпостави дека тапанот кој го испробуваше пред камерата на ММС среде бензинска станица во Бугарија на патот кон Еуро2020 во Букурешт, ќе достигне светска слава.

А, се ќе беше поинаку, ако Тоше понесен од еуфоријата си го одржеше ветувањето кое на тимот на ММС го даде во стариот дел на Букурешт.

“Не е проблем што е дупнат. Има уште една здрава страна, ви ветувам дека ќе бидам гласен како и на претходниот меч со Австрија“, изјави Тоше пред мечот со Украина додека позираше пред објективот на ММС.

Но, ветувањето не го одржа затоа што удираше во дупната страна и додека успее да го сврти, краткото видео и фотографии станаа вирални, а Тоше стана најпознатиот навивач во Европа во моментите кога се одржува Еуро2020.

Тоше живеел во Хајделберг, Германија каде што имал свој ресторан, но поради пандемијата во последните девет месеци е старо-нов жител на Штип.

Приказната за тапанот е стара шест години, но штипјанецот и неговото друштво навиваат за Македонија од многу поодамна и присутни се на сите големи европски натпреварувања.

– Тапанот го пукаме постојано на секое големо натпреварување. Пука од многу навивање. За последната поправка платив 50 евра, но не ми е криво, најважно ми е што  Македонија учествува на големите натпреварувања. Во последните шест години многу не служеше и ни донесе голема радост. Со него бевме во Келн на Фајнлфорот каде што Вардар стана европски ракометен првак, со него бевме на сите настапи на ракометната репрезентација, во Виена, во Минхен – истакна ексклузивно за ММС, штипјанецот Тоше кој доцна синоќа се врати од Букурешт.

Тоше Цебов не е сам во навивачката приказна. Неговиот тим го сочинуваат вкупно 13 навивачи вклучувајќи ги и неговите синови Климент и Стефан.

– Ние сме истиот тим на навивачи години наназад. Со еден од другарите, Миланчо Коцевски навиваме заедно без прекин 20 години. Се сеќавам дека првпат бевме заедно на пријателскиот натпревар Полска – Македонија во Тутлинген близу Штутгарт. Тој чука на тарабука, јас на тапан. Ние сме 13 луѓе кои се обидуваме постојано да носиме исти реквизити на секој меч. Имаме стандардни дресови во зависност која македонската репрезентација во кој спорт игра. За натпреварот со Холандија во понеделник имаме подготвено нови маички и нормално нов и поголем тапан – рече Тоше.

А, новиот тапан во недела ќе патува со автомобил се до Амстердам каде што Македонија в понеделник го игра последниот натпревар од Еуро2020 против домаќино Холандија. Тоше пак, резервирал авионски билет за понеделник.

– Морам да се одморам затоа што за два дена летам за Ајндховен, Холандија. Таму ќе се екипираме сите другари. Во нашиот навивачки тим задолжен за билетите и целосната организација е Тони Ангелов, бивш фудбалер на Брегалница и на Вардар кој потекнува од Гевгелија, а во тимот се уште и Ангелко Георгиев, бивш каратист на Партизан од Штип и синовите Климент и Стефан кои се грижат за логистичката поддршка – додаде штипскиот навивач.

Тоше е изненаден од гостопримството во Букурешт, од организацијата и топлината кај луѓето, пријателскиот однос на полицијата, како и од најдобрата и најеуфорична публика која од Македонија пристигна во Букурешт.

Неговото друштво во Букурешт беше едно од најгласните и најорганизираните со спортски реквизити.

– Некој по грешка пишал дека сме од Битола. Имам една порака до сите фанови, не е важно дали сме од Штип, Битола, Тетово или Скопје, важно е што сме присутни на секој стадион и во секоја сала и што навиваме заедно за македонската репрезентација. Фудбалот не обедини и тоа го покажавме во Букурешт, а ќе го видите и на мечот со Холандија. На фудбалерите им посакувам само да бидат здрави, да одиграат како и досега, како што знаат и умеат и да знаат дека и во победа и во пораз, зад нив стои цела армија македонски навивачи – рече за ММС, Тоше Цебов кај кого еуфоријата не стивнува и покрај заморот од долгиот пат од Букурешт до Штип.

 

Текст и видео: Орце Костов

фото: Шакир Јусинов/ Вангел Тануровски

 

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1