ММС

Објавено на: 06/17/21 9:43 AM

Со детски игралишта Дојран ќе го привлекува интересот на туристите

Дрвени куќарки, платформи за искачување, клацкалки, лизгалки и лулашки се дел од новите детски игралишта во Стар Дојран лоцирани во центарот на општината. На гумирани подови се поставени новите реквизити на две локации, со цел, како што велат од општината да се поттикне интересот кај туристите и посетителите за оваа летна дестинација.

Истовремено при крај е и новиот парк близу општинските бараки, во чии рамки се уредуваа и детските катчиња. Недостасува уште поставувањето на бистите на историските дејци со потекло од Дојран.

Градоначалникот Анго Ангов, го најави уредувањето на централното подрачје на општината уште пред неколку месеци.

– Во уредувањето на централното градско подрачје, односно проектот преку ЛРЦП којшто е отпочнат од пред 6-7 месеци, детските паркови ќе бидат навистина дополнителна содржина за нашите посетители, посебно за најмладите. Се работи за поголеми детски паркови, кои на некој начин ќе ја зголемат туристичката понуда на Дојран – вели Ангов.

Паралелно, општинарите се активни и на уредувањето на познатата плажа „Калдрма“ во Нов Дојран, која деновиве доби нова ограда и нов натпис, а на терен засега се забележува само рамнење и попесочување. Каков ќе биде изгледот на плажата засега не се посочува, а пред извесно време општината со градежно возило ја расчисти и непосредната околина на оваа плажа, која е позната и како локација која редовно ја посетуваат рибаритe.

Роза Шулева


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1