ММС

Објавено на: 06/16/21 11:50 AM

До кога ќе трае постапката за малата Тамара? Реакција на Хелиншки комитет за новото одложување на рочиштето на судскиот процес

Хелсиншкиот комитет реагира на повторното одложување на рочиштето во судскиот процес за малата Тамара, која почина пред шест години, а постапката против обвинетите трае две години и 11 месеци и предметот сè уште ја нема добиено својата завршница.  Оттаму напоменуваат дека правичното судење во разумен рок е еден од фундаменталните услови за задоволување на кривичната правда, а непочитувањето на овој институт ја намалува ефикасноста на постапката, придонесува кон правна несигурност и ја зголемува недовербата на граѓаните во правосудството. Правната сигурност, велат од Хелсиншки,  може да се обезбеди само со утврдување  одговорност на сите чинители, со цел задоволување на кривичната правда. Комитетот смета дека е недозволиво што во оваа постапка воопшто не е одржано рочиште веќе една година и три месеци и потсетија на хронологијата на настаните и евидентната неефикасност.

 

-Во февруари 2015 година почина малата Тамара Димовска поради тежок деформитет на рбетниот столб, додека институциите решаваа каде ќе се лекува. Хелсиншкиот комитет за човекови права заедно со мајката на Тамара, во февруари 2015 година поднесоа кривична пријава против сите лица кои постапувале во случајот, за сторено кривично дело „Несовесно работење во службата“. Три години подоцна, дури во 2018 година, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против 12 лица за несовесно работење во службата и констатирало дека првостепената одлука на комисијата при Фондот за здравствено осигурување била донесена надвор од законскиот рок за итно постапување, како и дека основа за одлуката била изјавата на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров, дека пациентите со деформитет на рбетот нема да одат во странство, поради можноста за извршување на ваквите операции на Клиниката за ортопедски болести во Скопје, иако во тој момент сè уште не постоеле услови за извршување на вакви операции во нашата држава, велат од Комитетот и додаваат:

„ Одлуката беше донесена без присуство на доктор ортопед и трауматолог, како доктори во чија специјалност припаѓа заболувањето на малолетната Тамара Димовска, иако претседателот/заменик претседателот задолжително требало да избере состав на доктори-членови на комисијата во чија надлежност спаѓа нејзиното заболување.  Второстепената комисија постапува на истиот начин и ја потврдува одлуката на Комисијата при ФЗО“.

Хелсиншкиот комитет хронолошки потсети за сите одложени рочишта.

-Првото рочиште по овој предмет беше закажано дури во јуни 2018 година, а за една од обвинетите постапката беше одвоена, поради здравствени проблеми. Во октомври 2019 година, јавната обвинителка која го застапуваше обвинението побара изземање, а потоа беше назначен нов јавен обвинител. Основното јавно обвинителство единствено ја информираше јавноста дека јавната обвинителка се иззема поради постоење на законски пречки за нејзино понатамошно постапување, поради нови околности кои настапиле, но не навлезе во подетално образложување. Во октомври 2020 година и тогашниот судечки судија Марин Станевски побара изземање, па предметот се прераспредели кај нов судечки судија – Александра Ристеска. Последното рочиште за главна расправа во овој предмет беше одржано на 12.03.2020 година. Главната расправа на 16.10.2020 требаше да почне одново поради проток на 90 дена од последното одржано рочиште. И овој пат, рочиштето беше одложено.  Во меѓувреме, за обвинетата за која се водеше одвоена постапка беше донесена осудителна пресуда со условна казна затвор, но Апелациониот суд ја поништи оваа одлука и предметот го врати на повторно одлучување. Судечкиот судија Александра Ристеска ја спои постапката за обвинетата со постапката на останатите 11 обвинети, информираат од Комитетот.

Последното рочиштето, кое беше закажано за вчера  повторно се одложи, а следното рочиште е закажно дури за 30 август.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1