ММС

Објавено на: 06/17/21 10:00 AM

Македонија победува и тоа е завршена работа – Татко му на Илија Несторовски, Горан ја пренесува атмосферата од Букурешт

Специјално за ММС од Букурешт, Орце Костов

Таткото на нашиот репрезентативец Илија Несторовски, Горан Нестор е еден од најстрасните навивачи на македонската фудбалска репрезентација.

Три дена ја загрева атмосферата за мечот со Украина кој македонската репрезентација го игра денес во 15 часот по македонско време.

Горан Нестор со своите пријатели прв доаѓа фан-базата каде што се собираат фановите, прв станува на оро и знае прв да запее некоја македонска песна.

Во разговорот со ММС, Горан Нестор не можеше да ги скрие емоциите од голема возбуда што Македонија е тука на Европското првенство, првпат во својата историја.

– Македонија победува и завршена работа е тоа. Поради протоколите ние родителите сме сместени во еден хотел, фудбалерите во друг каде што не смее никој да влезе. Се слушаме со нив и можам да ви кажам дека децава се оптимисти, владее невидена атмосфера во националниот тим – рече Горан Нестор.

Неговиот син Илија Несторовски заработи тешка повреда во дресот на Удинезе на месец дена пред завршувањето на клупската сезона и не е во можност да настапи во македонскиот дрес на Еуро2020.

Но, популарниот Нестор е еден од најзаслужните што Македонија дојде на Европското првенство, па затоа е тука со своите соиграчи, ги бодри на секој тренинг и ги храбри во обидот да постигнат што подобри резултати.

Пандев, Елмас, Алиоски и соиграчите постојано му даваат поддршка на Несторовски затоа што разочарувањето што не може да настап е многу големо.

– Нестор е многу разочаран затоа што е повреден и не може да им помогне на соиграчите. За среќа, напредува со рехабилитацијата, има јак ген. Има доктор тука кој му рече дека за некој кој доцнел за недела две со вежбите има огромен напредок. Илија ќе се врати посилен и во октомври кога би требало да заигра ќе биде најсилен – додаде татко му Горан Несторовски.

Постариот Нестор порача дел од јавноста да не ги критикува фудбалерите затоа што повеќе од било кого посакуваат да направат добар резултат и да се искористи моментот што цел Букурешт буквално е зад македонската репрезентација.

– Само ние Македонците треба да си бидеме единствени и обединети и да не си ги критикуваме нашите деца. Навиваат сите за нас, не само во Македонија туку и цел Букурешт.  Им влеговме во срцата на Романците и имаме поддршка од цел стадион, тоа треба да се искористи – порача Горан Нестор.

Фото: Вангел Тануровски

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1