ММС

Објавено на: 06/16/21 10:00 AM

Македонците најмногу пијат и лумпуваат, Романките велат ни нема рамен за забава

Специјално за ММС од Букурешт, Орце Костов

Згодни девојки кои стојат пред секој ресторан или кафетерија и ве примамуваат со својата насмевка да го изберете токму нивниот локал е романска традиција. Но, откако пристигна македонската фаланга во саботата навечер, Романките сфатија дека за време на Европското првенство нема потреба да ги убедуваат македонските фанови да влезат кај нив.

Сите ресторани се преполни и насекаде ечи македонска песна, а овојпат Романките паднаа на шармот на македонските навивачи. Тимот на ММС прошета  низ сите познати пабови и ресторани во Стариот град на Букурешт и дозна дека “црвено-жолтата“ фаланга троши најмногу на добро пиво.

– Организираме гледање  фудбал и кога нема натпревари во живо на Националната арена. Македонците се постојано тука, пијат и јадат романски специјалитите. Најмногу се пие пиво и најмногу се пеат македонски песни. Имаше и фанови од Австрија, но тие не испија не испија ниту третина од тоа што го испија Македонците – истакна девојка задолжена за пречек и сместување на гостите во позната пивница.

Таа додаде дека Македонците ги потсетиле на времето кога ечело музика и се пееле гласно песни од секое кафуле. Но, пандемијата си го сторила своето во Романија и повеќе од четири месеци рестораните и кафулињата биле целосно затворени за работа:

– Не потсетивте на лудите ноќи од пред две години. Ние Романците сакаме да се забавуваме, да јадеме добра храна и да пиеме многу пиво. Ноќниот живот беше неверојатен кај нас, цените пристојни и имаше забави за сечиј вкус. Македонските навивачи се симпатични и им прираснаa на срце и на обичните граѓани во Букурешт.

Една од девојките во друг ресторан каде што неколку дена се пушта само македонска музика, за ММС рече дека научила да игра оро, да пее македонски песни како „Ој, Вардаре“ и „Македонско девојче“.

– Јас сум секој ден на работа, а Македонците ми се чини дека воопшто не преспиваат во хотелите. Пуштаме македонска музика која и нам ни се допаѓа, а за неколку дена научивме да играме оро. Имате навистина интересни обичаи. Австријците седеа наспроти Македонците и буквално беше трка кој повеќе пиво ќе испие. Јас сум видела како пијат многу туристи, но вие од Македонија сте светски шампиони и во пиење пиво и во правење атмосфера. Ве обожавам – рече таа.

Млад менаџер на стриптиз-клуб откри дека Македонците и Австријците се секогаш добредојдени во локалот затоа што се забавувале без инциденти.

– Се собраа од двете страни и мислевме дека ќе направат проблеми. Но, тие седнаа и заедно пееја. Цела вечер се забавуваа со танцот на нашите девојки. Можам да замислам што ќе биде ако ја победите Украина во четврток, треба да бидеме подготвени за голема забава – најави менаџерот.

Фото: Вангел Тануровски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1