ММС

Објавено на: 06/15/21 9:49 AM

Скопје Прајд ќе се одржи на 26 јуни под слоганот „Вон ѕидовите!“

Втората Парада на гордоста (Skopje Pride) во Скопје ќе се одржи на 26 јуни 2021 (сабота), под слоганот „Вон ѕидовите!“, во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ).

Рутата на парадата, како и други организациски детали, ќе бидат дополнително соопштени во текот на идната недела. Организаторот наведува дека Парадата на гордоста е славење на слободата, различноста, прифаќањето, љубовта и испраќа порака дека место под сонцето има за секого.

-ЛГБТИ+ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нашите мали, приватни простори. Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот „Вон ѕидовите!“ го посветуваме на сите ЛГБТИ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас. Слоганот го посветуваме и на сите луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме и чие надминување стана заедничка цел и желба, наведува организаторот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1