ММС

Објавено на: 06/14/21 6:40 PM

(Видео) Што имаат врска ајварот, фудбалот и убавите жени? – Недела на македонските производи во Букурешт

Специјално за ММС од Букурешт, Орце Костов

Што имаат заедничко ајварот, фудбалот и убавите жени? Сите ги обожаваат, а во моментов можете да ги најдете во Букурешт на Европското фудбалско првенство.

Во Комората на Букурешт од денес е отворена Неделата на македонските производи на која со штандови со свои брендови разни македонски компании ќе се претстават со највкусната македонска храна, меѓу која и ајварот како наш бренд и најдобрите македонски вина.

„Не сум пробала досега ајвар, но ми се допаѓа. А, виното ви е совршено“, истакна за ММС, Алина Марку, 21-годишна девојка од Романија која работи во секторот за комуникации и односи со јавноста, а во слободно време е топмодел.

Таа и својот тим од комората заедно со вработените во македонската амбасада го организираа настанот „Недела на македонските производи“ кој го отворија претседателот на Комората на Букурешт Јулиу Стоклоса во присуство на министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за земјоделие Арјанит Хоџа и амбасадорот во Букурешт, Габриел Атанасов.

Во слободното време Алина работи на пистата, но својата кариера не сака да ја гради во модниот свет затоа што повеќе и се допаѓа да живее дома во Романија.

– Јас бев во Италија, но се вратив дома. Сфатив дека манекенството не ме исполнува толку и дека сакам да бидам поблиску до семејството. Не следам толку фудбал, но откако ја видов атмосферата по кафулињата овие денови, ми станавте симпатични – рече за ММС згодната Алина Марку додека ги дегустираше македонскиот ајвар, сирење и македонските вина.

А, настаните се организирани во рамките на „спортската дипломатија” и учеството на нашата репрезентација на Европско Првенство во фудбал, а на иницијатива на советничката на премиерот Зоран Заев, Силвија Митевска, македонскиот амбасадор во Букурешт, Габриел Атанасовски и Стопанската комора на Букурешт.

Ова е прв настан од ваков вид, преку спортска дипломатија да се промовираат македонските производи и започнува од Романија, која е една од земјите домаќини на Европското првенство во фудбал ЕУРО 2020.

„Еден од најдобрите начини за промоција на нашата земја е секако спортот и уметноста, но дозволете ми, како министер за земјоделство, шумарство и водостопанство да истакнам дека има уште еден битен фактор за промоција, а тоа се нашите земјоделско-прехранбени производи. Нашата сончева земја е богато обдарена со поволни климатски услови за земјоделско производство. Секој кој ја посетил нашата земја и вкусил од македонските домашни производи, знае дека тие имаат изразена комплексност на вкусови и мириси.  Затоа, странскиот пазар е отворен кон нас и има голем интерес за нашите земјоделски и прехранбени производи, а ние пак вложуваме во насока на квалитетно и стандардизирано зголемување на количините кои странскиот пазар ги бара од нас”, изјави министерот Хоџа.

Амбасадорот на Северна Македонија во Романија, Габриел Атанасов, изјави дека спортската дипломатија е во чест на нашата фудбалска репрезентација која после триесет години прв пат настапува на Европско фудбалско првенство и дека промоцијата на нашиот фудбалски тим е поддржана и со настанот за промоција на нашата земја како земја со квалитетни земјоделско-прехранбени производи и атрактивна туристичка дестинација.

Неделата на македонски производи ќе се одржува од 11 до 17 часот, секој ден (оваа недела), заклучно со 18.06 (петок), во просториите на Стопанска комора на Романија.

Фото: Вангел Тануровски

видео: Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1