ММС

Објавено на: 06/14/21 11:10 AM

Mуамба: Најдоброто нешто на ЕУРО 2020 е тоа што Ериксен остана жив

Поранешниот фудбалер на Болтон, Фабрис Муамба, за „Sky Sports“ изјави дека најдоброто нешто што се случило на Европското првенство е тоа што Кристијан Ериксен остана жив и дека гледањето на таквите сцени од стадионот во Копенхаген му вратило непријатни и тешки сеќавања од пред девет години.

Играчот од средината на теренот на Болтон, доживеа срцев удар во 2012 година против Тотенхем во четвртфиналето од ФА Купот, а неговото срце не биеше цели 78 минути. Реакцијата на лекарскиот тим на теренот и лекарите во најблиската болница, го спасиja животот на младиот фудбалер кој откако целосно закрепна се пензионираше од професионалниот фудбал.

Немилата слика од саботата и колабирањето на фудбалерот на Интер при крајот на првото полувреме од двобојот Данска-Финска, не остави никого рамнодушен. Фабрис Муамба на социјалната мрежа „Твитер“ веднаш се помоли за здравјето на својот колега, додека прво данскиот капитен Симон Кјаер, а потоа и лекарите се бореа за животот на дваесет и деветогoдишниот играч. За среќа, Ериксен го преживеа срцевиот удар и според неговите најблиски и тој самиот, сега се наоѓа во стабилна состојба.

-Треба да им се оддаде почит на лекарите и медицинскиот тим на данската репрезентација, за тоа колку брзо влегоа во терен и успеаа да реагираат. Натпреварот се гледаше ширум планетата, сите беа пред своите телевизори, а тоа би можело да претставува огромен притисок за нив во постапката на CPR и враќањето во живот на Ериксен. Сега слушаме дека неговата состојба е добра и се движиме во вистински правец. Веста дека брзо закрепнал е најдоброто нешто од Европското првенство за мене, изјави Муамба за англиски „Sky Sports“.

Данците загубија во воведниот дуел на ЕУРО 2020 од соседна Финска со 0:1, во сенка на настанот што го потресе целиот фудбалски свет.

 

 

 

 

Фото:

skysports.com


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1