ММС

Објавено на: 06/12/21 12:50 PM

(ВИДЕО) Се’ повеќе луѓе го изучуваат кинескиот јазик, меѓу нив има и деца и искусни бизнисмени – вели Симона Спировска од Институтот Конфуциј

Расте интересот за изучување на кинескиот јазик. Тој е мистичен и егзотичен, изговорот е тежок за совладување, но со трпение и упорност се успева. Ова во денешното издание на емисијата Стадион го изјави Симона Спировска од Институтот Конфуциј. Таа десет години живеела во Пекинг, но веќе работи во Скопје каде го предава кинескиот јазик и го споделува своето искуство за животот во Кина.

„Во нашата држава институтот Конфуциј се основа во 2013-та година со помош на УКИМ како и Централниот управен одбор на Институтот во Кина. За време на овие десетина години во Институтот во Македонија се запишаа преку илјада ученици и имаме доста голем број ученици кои завршиле со висок степен на познавање. Институтот е достапен за сите возрасти, од најмали до највозрасни, имаме ученици од 5-годишна возраст. Интересот за изучување на кинески јазик се зголемува. На учениците им е интересно, бидејќи ова е нешто што не го гледаме во Европа. Учениците мислат дека ќе им помогне во развојот на нивната кариера и за тоа се интересираат“, изјави Спировска.

Одговарајќи на прашањето како таа го научила кинескиот јазик, Симона објасни дека додипломските студии ги завршила во Кина, а потоа таму и магистрирала на Универзитетот за меѓународен бизнис и економија.

„Престојував 10 години, се вратив со почнувањето на пандемијата и е интересно дека претходно не размислував да бидам професор по кинески јазик. На Институтот досега имавме кинески професори и со пандемијата се отвори можност за македонските наставници по кинески јазик да може да предаваат. Оваа комбинација е добра за учениците бидејќи сепак може да им го пренесеме нашето искуство во Кина“, додаде Спировска.

Таа признава дека и самата имала предрасуди кон јазикот и смета дека доколку ги немала, многу побргу ќе го научела.

„Мислев дека е претешко и невозможно, но ми помогна трпението. Треба време за да легне изговорот, ова е сепак јазик кој е ралзичен од европските јазици. Изговорот е доста тежок, но сепак со слушање и зборување може да се направи напредок. Има доста интерес. Институтот е во организациј ана Меѓународна фондација за јазик во Кина. Часовите се бесплатни. Имаме и бизнисмени кои имаат соработка со Кина, имаме соработка и со училишта, па планираме да се проируваме во различни градови низ Македонија. Институтот за да ја рашири кинеската култура организира и многу настани. Активни сме и има можност за подобрување на соработката“, заклучи Спировска при своето гостување во „Стадион“.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1