ММС

Објавено на: 06/12/21 11:49 AM

Работата на улица најзастапена форма на злоупотреба на детски труд во Македонија: Запоставувањето на детето опасност за неговиот психофизички развој

Работата на улица е најзастапена форма на злоупотреба на детски труд во Македонија. Отсуствува системски одговор од државата за соодветна заштита и поддршка на оваа група деца и нивните семејства. Ова го соопштија од Детската амбасада Меѓаши по повод денешниот, Светски ден против детскиот труд.

Од Меѓаши забележуваат дека нема прецизна евиденција за бројот на деца на улица/улични деца, но се проценува дека само во Скопје има околу 300.

-Најголем дел од децата се Роми. Вообичено се принудени да работат од страна на нивното семејство и се вклучени во питачење, продавање ситни предмети, собирање отпадни суровини и чистење ветробрански стакла на крстосниците. Работата на улица ретко се санкционира. Постојат бројни лични, институционални и системски ризик фактори кои ги доведуваат децата да работат на улица – посочуваат од Детската амбасада од каде сметаат дека пошироката јавност во Македонија не е доволно запознаена со комплексната социјална ситуација на децата и нивните семејства.

Искуството досега покажува дека најголем дел од децата кои работат доаѓаат од семејства со приходи далеку под границата на сиромаштија.

-Сиромаштијата не е само причина за детски труд, туку таа се враќа и станува последица како резултат на неможноста да се пристапи до образование заради работењето и завршува со продолжување на сиромаштијата. Поради сиромаштијата, невработеноста, условите и околината во која живее одредена категорија граѓани во Македонија сè уште има деца што своето време го поминуваат на улица и на најразлични начини обезбедуваат средства за егзистенција и тоа најчесто со питачење. Најголемиот број деца на улица имаат родители и најчесто се принудени и злоупотребени од родителите за да питаат на улица или да вршат други работи – велат од Меѓаши.

Според оваа невладина, родителите на децата на улица несоодветно го вршат родителското право, ги експлотирааат и злоупотребуваат своите деца, а запоставувањето и негрижата за детето преставува сериозна опасност за правилен психофизички развој.

Децата се доведуваат да дојдат во судир со законот или да бидат злоупотребени од други лица. Дополнително, дел од децата на улица не се запишани во матичната евиденција на родени, немаат државјанство или било каква документација, со што им е оневзоможено остварувањето на своите права – се додава во денешното соопштение од Меѓаши.

Оттаму и со препораки кои чекори да се преземат: вклучување во образовниот процес, обезбедување квалитетен наставен кадар и спроведување на законите, едукација во правец на почитување на меѓународните стандарди, борба против сиромаштијата и создавање работни места за возрасните, зголемување на јавната свест за борба против искористувањето на детскиот труд, обезбедување дополнителна настава за деца и млади кои го пропуштиле редовното образование.

Инаку, 12 јуни е прогласен за Светски ден против злоупотребата на детскиот труд од страна на Меѓународната организација на трудот (МОТ) пред повеќе од една деценија.

Оваа година, 2021 година е прогласена за меѓународна година за елиминација на трудот на децата. Според МОТ, детскиот труд е намален за 38% во последната деценија, но 152 милиони деца сè уште се принудени да работат.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1