ММС

Објавено на: 06/11/21 10:58 PM

Ролан Гарос ќе добие нов шампион: Чудесниот Ѓоковиќ преку Надал се пласираше во финалето

Најдобриот тенисер на светот, Новак Ѓоковиќ, се пласираше вечерва во финалето на Ролан Гарос, совладувајќи го најтрофејниот играч на овој турнир и бранител на титулата, Рафал Надал, со 3:1 во сетови (3:6, 6:3, 7:6, 6:2).

Во борбата за титулата, Ѓоковиќ ќе се соочи со грчкиот тенисер Стефанос Циципас, кој претходно денес во пет сета го порази Александар Зверев.

Самиот почеток од вечерашниот двобој не потсети на минатогодишното финале на Ролан Гарос во кое Надал доминираше. Баш како и на тој дуел, Шпанецот и вечерва поведе со 5:0 во гемови, но овојпат Ѓоковиќ се разбуди пред крајот на сетот, добивајќи ги следните три гема и најавувајќи борба на високо ниво во остатокот од мечот. Сепак, во првиот сет Надал успеа да оддолее.

Веќе на стартот на другиот сет српскиот тенис ги доби првите два гема, но Надал веднаш возврати изедначи на 2:2. Ѓоковиќ повторно „додаде гас“ и ги доби следните три гема после кои не дозволи возвратен удар од ривалот. На крајот, 6:3 за Новак во вториот сет.

Како што одминуваше натпреварот, борбата беше навистина спектакуларна. Маратонски поени, воодушевувачки удари од двете страни, дефинитивно меч кој влегува во историјата, а вистинска штета е што тениското шоу не беше за пехар, туку во полуфинале.

Во третиот сет Ѓоковиќ повторно прв стигна до брејк, Надал повторно експресно возрати, ама Ѓоковиќ ги добива следните два гема за водство од 5:3. Шпанскиот тенисер не се предаде, изедначи на 5:5, дури и поведе со 6:5. Ѓоковиќ на својот сервис-гем беше под огромен притисок, успеа да спаси две сет-топки и да се избори за тај-брејк. А таму, потполна контрола и 7:4, за водство од 2:1 во сетови, после три ипол часа маратонска борба.

Надал видно исцрпен, успеа да направи брејк на стартот на четвртиот сет, но повеќе од тоа не можеше. Ѓоковиќ сигурен во себе, брзо се спротистави и воспостави контрола до крајот на епскиот дуел со времетраење од четири часа и 13 минути.

Во недела, публиката во Париз ќе ги гледа Стефанос Циципас и Новак Ѓоковиќ. Гркот за прва, Ѓоковиќ за втора титула на еминентниот Гренд Слем во Париз.

 

 

 

Извор:

sportske.net

 

Фото:

Twitter @BleacherReport

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.