ММС

Објавено на: 06/11/21 10:37 PM

Првиот муслиман назначен на американскиот федерален судски стол

Син на пакистански мигранти ќе биде првиот муслиман кој ќе биде назначен на американскиот федерален судски стол, еден чекор под Врховниот суд, јавува Агенција Анадолија (АА).

Назначувањето на Захид Кураши беше потврдено вчера во американскиот Сенат со 81 наспроти 16 гласа.

Кураши ќе служи во Федералниот округ на САД во Њу Џерси, преместувајќи се од својата работна позиција како судија во државата.

Инаку, Кураши доби главно двопартиска поддршка за неговата номинација, особено демократите го пофалија гласањето.

„Судијата Кураши ја посвети својата кариера на служење на нашата земја“, рече сенаторот на Њу Џерси, Боб Менендез, и додаде: „Неговата приказна го отелотворува ветувањето на Америка како место каде што сè е можно.“

Сенаторот Кори Букер, исто така од Њу Џерси, го препорача 46-годишниот Кураши за оваа позиција. Букер во своите пофалби, назначувањето го посочи како извонреден момент. Тој го нарече Кураши лице од доверба и патриотизам, „кој случајно е и муслиман“.

Кураши, чии родители се пакистански мигранти, е роден во Њујорк, а пораснал во Њу Џерси. Се школувал во Правното училиште „Ратџерс“, а по терористичките напади на 11 септември 2001 година, ѝ се придружил на Армијата како воен обвинител. Подоцна, во 2004 и 2006 година, бил распореден во Ирак.

Подоцна тој работел во Министерството за внатрешна безбедност на САД како помошник адвокат на САД специјализиран за случаи на јавна корупција, организиран криминал и финансиска измама.

Назначувањето на Кураши го слават муслиманските групи за застапување.

Салам ал Марајати, претседателот на Советот на муслиманите за јавни работи, за медиумот „Њу Џерси“ изјави дека Кураши треба да го отвори патот за идните муслимани во американското судство.

„Очекуваме во одреден момент да има повеќе судии номинирани од Белата куќа и потврдени од Сенатот“, рече Ал Марајати, „и се надеваме дека [Сенатот] ќе ја отстрани оваа бариера на верскиот лакмусов тест за номинираните.“


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.