ММС

Објавено на: 06/11/21 10:13 PM

(ВИДЕО) Воведниот меч на ЕП ги исполни очекувањата, Италија доминантна против Турција во Рим

На самото отворање на Европското фудбалско првенство 2020, Италија убедливо славеше над селекцијата на Турција со 3:0.

„Олимпико“ во Рим беше среќен за Турците само во првите 45 минути од воведниот дуел. Италија предводена од Роберто Манчини, силно напаѓаше во текот на целиот натпревар. Од друга страна, Турција со по малку и регресивен, нетипичен фудбал, легитимна определба на селекторот Шенол Ѓунеш, повлечена во својот шеснаесетник и без шанса за контра-напад, може да биде и задоволна со крајниот исход.

„Аѕурите“ на почетокот ги испитуваа силите и освен воспоставувањето иницијатива преку посед и неколкуте солидни шанси на Лоренцо Инсиње и Џорџо Киелини, не успеаа да го скршат тројниот бедем на „црвените“. Првото полувреме го одбележа и спорната ситуација во петерецот на голманот Чакир, кога топката удри во раката на Зеки Челик, а судијата Дани Макели по консултацијата со ВАР собата сепак не досуди на белата точка.

Италија во второто полувреме ја „стави ногата на гас“ и покажа зошто е непоразена на 28 натпревари и зошто за многумина е фаворит од сенка за освојување на овој шампионат. Продорот на крилниот напаѓач на Сасуоло, Доменико Берарди, еден од многуте во ова соочување, конечно вроди со плод. Острата топка го погоди дефанзивецот на Јувентус, Мерих Демирал, во градите и заврши во мрежата на Угурчан Чакир.

Но Италија не застана тука. Веќе во 66-тата минута Чиро Имобиле се најде на вистинско место и одбиената топка ја протна зад грбот на денес единствената светла точка на Турците, Чакир. Лоренцо Инсиње, во стилот на Тиери Анри и од „прва“, асистенцијата токму на напаѓачот на лацијалите ја претвори во погодок за финални 3:0, неколку мигови подоцна.

 

 

 

Генералниот впечаток е дека Италија со огромната ротација и поливалентниот напад, има сериозно добри шанси за изненадување, ако воопшто можеме да зборуваме за изненадување, со оглед на тоа за каква репрезентација станува збор и ако ништо друго, сериозно да им ги „помрси“ сметките на Франција, Англија и останатите на хартија фаворити.

Вториот натпревар од групата А, утре од 15 часот во Баку ќе го одиграат селекциите на Швајцарија и Велс.

 

Фото:

Twitter / @EURO2020

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1