ММС

Објавено на: 06/11/21 4:13 PM

Во Тетово сè уште се вози бесно, полицијата казнувa и спроведува превентивни активности

Вчера за само за пет часа, на подрачјето на СВР Тетово спроведена е сообраќајна акциска контрола за брзина, во која вкупно биле отккриени и законски санкционирани 93 прекршоци. Единаесет од констатираните пречекорувања на максимално дозволената брзина надвор од населено место биле за повеќе од 70 километри на час, додека најголемиот број од пречекорувања во населено место биле до 30 километри на час. Сите прекршоци заокружени се со соодветни поднесоци, а во контролата откриени се и шест други видови прекршоци

Инаку Секторот за внатрешни работи  Тетово ги финализира последните подготовки за реализација на новиот превентивно-информативен и едукативен проект „Поголема безбедност на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и возачите на електрични тротинети и запознавање со позначајните прописи и измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата”. Носител на проектот е Отсекот за превенција, а неговата практична презентација планирана е на 18-ти овој месец во Тетово и на 19-ти во Гостивар.

Во рамките на проектот се предвидува организирање на еднодневни информативни средби со пешаци, велосипедисти, мотоциклисти и возачи на електрични тротинети, на кои  полициски службеници од тетовската Полициска станица и гостиварското Одделение за безбедност на патниот сообраќај поблиску ќе им ги претстават новините во законската регулатива, а ќе презентираат и корисни совети за оваа категорија на учесници во сообраќајот. Покрај тоа, ќе се дистрибуираат и над 2000 наменски изработени флаери, на македонски и на албански јазик, додека во втората фаза од проектот планирано е и одржување на сообраќајни поуки за прекршители, соопшти Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово

Целта на проектот, чие мото е „Само искуството е знаење, сé друго е информација и едукација”  е преку непосредно информирање, совети и укажувања да се придонесе за поголема безбедност на пешаците, велосипедистите, мотоциклистите и на возачите на електрични тротинети, кои деновиве во се поголем број се среќаваат меѓу учесниците во сообраќајот на поширокото полошко подрачје.

 

 

Зоран Димовски


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.