ММС

Објавено на: 06/10/21 6:50 PM

Димитриевски: Сонот со пласманот на ЕУРО го исполнивме, но не мислиме да застанеме овде

Голманското дуо на македонската фудбалска репрезентација Димитриевски-Шишковски, непосредно пред официјалниот старт на Европското првенство 2020, зборуваше за ФФМ за исполнувањето на сонот на Македонија да заигра на едно големо натпреварување, но и за тоа дека овој тим може многу повеќе од самото учество помеѓу најдобрите.

Чуварот на мрежата на Рајо Ваљекано, имаше пофални зборови за првиот опонент во групата Ц, велејќи дека Австрија е исклучително квалитетен состав и стар познаник против кој ќе мора одбраната да биде на едно навистина високо ниво.

-Не чувствуваме притисок, напротив. Се обидуваме да гледаме позитивно на првиот меч и тоа да ни биде дополнителна мотивација за натпреварот со Австрија, противник кој го знаеме многу добро. Австрија има исклучително квалитетен состав и веројатно очекувањата се најголеми од Алаба и Арнаутовиќ. Сонот со пласманот на Европското првенство го исполнивме, но не мислиме да застанеме овде. Нашата цел е пласман во следната фаза, а првиот чекор за тоа е добар резултат против Австрија. Добро ги анализиравме, ова е сосема поинаков меч од нашите два претходно и се надевам дека ќе бидеме на високо ниво, изјави некогашниот голман на Работнички, Столе Димитриевски.

Неговиот колега, Дамјан Шишковски, истакна дека костурот на Австрија е составен од сериозни играчи кои настапуваат во Бундеслигата и само една грешка може да биде круцијална за решавање на мечот.

-Одработивме одлични подготовки, атмосферата во репрезентација е на високо ниво, сите со нетрпение го очекуваме почетокот на првенството и првиот дуел со Австрија.Научивме многу од претходните два натпревари со овој противник. Костурот на австриската репрезентација се фудбалери кои доаѓаат од Бундеслигата и физички се многу силни. Сите фудбалери се максимално мотивирани, ќе дадеме сѐ од себе за да оствариме позитивен резултат. Ќе биде тежок натпревар, една грешка може да го одлучи овој меч. Ќе се обидеме да докажеме и покажеме дека сме подобар тим, рече Шишковски.

Во единствените две соочувања на Македонија и Австрија, „рисовите“ имаат два порази од кој еден од 0:4 на домашен терен во Скопје.

 

 

 

 

д.ј

Фото:

ФФМ


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.