ММС

Објавено на: 06/10/21 3:10 PM

Антикорупциска го предаде случајот на Рашковски

ДКСК ја одржа седница согласно член 20 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.

На оваа седница Државната комисија постапуваше по конкретни предмети од сите области од својата законска надлежност при што беа разгледани вкупно 70 предмети од кои:
– 57 од областа на корупцијата
-7 од областа на утврдување состојба на судир на интереси
– 6 од област на проверка на податоците во изјавите за имотна состојба и судир на интереси.

– Во врска со предметот оформен по наводи за сомневање за незаконитости во постапки за јавни набавки спроведени во Генералниот секретаријат на Владата на Р. Северна Македонија во време кога функцијата Генерален секретар ја извршување лицето Драги Рашковски. ДКСК претходно извести дека во соработка со ЈОГОКК, своето постапување ДКСК ќе го прекине, а за обезбедените податоци и информации, ЈОГОКК ќе биде известено. На ден 18.05.2021 година, ДКСК до ОЈОГОКК достави информации и укажување за уште четири спроведени јавни набавки од Генералниот секретаријат на Владата на РСМ, за кои постои основано сомневање дека според предметот на набавка (камери, кабини) имаат директна поврзаност со набавениот софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување казни, со што сумата за исплата на обврски по овие договори е значително голема.

– Исто така на оваа седница, ДКСК донесе одлука по пријавата со наводи за незаконитости во постапка за избор на Директор на НУ Центар за култура “Антон Панов”-Струмица. ДКСК им овозможи на дел од вработените во НУ Центар за култура “Антон Панов”-Струмица да ја следат расправата по конкретниот предмет на која детално беа презентирани состојбите од спроведениот јавен оглас за избор на директор. Беше констатирано дека од пријавените три кандидати, двајца не ја поминале административната селекција поради нецелосно доставени документи (нема доказ за познавање на странски јазик и доказ за пет годишно искуство). Тврдењата во јавноста дека избраниот кандидат Васил Бубевски нема соодветно образование и дека комисијата за избор на директор при Министерството со барање за доставување дополнителни документи му овозможила на актуелниот директор да биде избран, односно го фаворизирала, не се потврдија. Имено, согласно член 14 од Статутот на Центарот за култура, „за директот може да биде избрано лице кое има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршени VII/1 степен високо образование од областа на општествените науки или хуманистички науки„. Според Класификацијата на Научно-истражувачките подрачја, полиња и области според меѓународната Фраскатиева класификација, како области во подрачјето на општествени науки спаѓаат: антропологија, демографија, економски науки, кинезиологија (физичка култура), образование, организациони науки и управување, политички науки, правни науки, јавна управа и администрација, психологија, социологија, социјална работа и социјална политика, туризам и угостителство, одбрана, безбедност. Завршеното високо образование за физичка култура спаѓа во областа на општествените науки. Што се однесува до барањето за доставување на дополнителни документи, Комисијата доставила барање до Васил Бубевски за доставување дополнителни докази кон веќе поднесените, а со цел комисијата со сигурност да утврди дека кандидатот го исполнува условот: „доказ дека кандидатот е познат во јавноста како јавен и културен работник“. Покрај претходно доставените благодарници, дипломи за учество во разни манифестации, дополнително се доставени потврди од општина Василево, организационен одбор на Струмички карневал, здруженија, видеа, како доказ за исполнување наведениот критериум. Вработените од Центар за култура кои ја следеа расправата немаа коментари на изнесените состојби, поради што ДКСК утврди дека наводите во доставената пријава не се потврдени и донесе одлука за запирање на постапката.

Државната комисија на оваа седница постапи по предметот оформен по пријава од непознат подносител (анонимна пријава), со наводи за сомневање за незаконско постапување на еден од Директорите на ФЗОРСМ, кој по истекот на неговиот мандат на 26.05.2019 година, во период од еден месец и десет дена потпишувал акти, решенија, согласности и други документи што се во делокругот на работа на Директор на Фондот. Имено, ДКСК достави до Владата на Р. Северна Македонија Иницијатива за поведување постапка за утврдување на одговорност на членовите на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (во натамошниот текст:ФЗОРСМ), поради основаност на сомневањата за сторени прекршувања на членот 56 став 1 точка 12 и член 57 став 3 од Законот за здравствено осигурување во 2019 година

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.