ММС

Објавено на: 06/11/21 9:00 AM

На фудбал само со „бубреже“, строго забранет чадор – Строги протоколи за натпреварот Австрија – Македонија во Букурешт

Романските здравствени и фудбалски власти го објавија деталниот водич за навивачите за првиот натпревар од Еуро 2020 помеѓу Австрија и Македонија кој ќе се одигра на 13 јуни в недела со почеток од 18 часот.

Македонија ќе ја бодрат околу 2.000 навивачи кои на различни начини преку нашата Фудбалска федерација и УЕФА, како и преку романските интернет страници за продажба на билети, успеаја да дојдат до место на Националната арена во Букурешт.

Но, за да дојдете доттаму треба да поминете неколку филтри, а најважен е акредитираниот медицинскиот центар кој ќе работи на неколку локации и каде што ќе треба да се пријавите со сите документи за докажување дека сте биле вакцинирани, сте прележале Ковид или сте биле негативни на тест 72 часа пред мечот.

„Ако сте вакцинирани, сте поминале КОВИД-19 или сте биле негативни на тест 72 часа пред натпреварот, одете во акредитираните медицински центри и земете ја нараквицата за пристап.

Нараквицата може да ја набавите почнувајќи од сабота, 12 јуни, во 8:00 часот од еден од наведените медицински центри. Постапката за верификација ќе ве чини 5 леи (околу 70 денари). Ако немате докази за имунизација против КОВИД-19, одете брзо во еден од акредитираните медицински центри. Може да се тестирате почнувајќи од сабота, 12 јуни, од 16:00 часот до времето на натпреварот.

Имајте во предвид дека сепак мора да бидете присутни на стадионот одредено време пред натпреварот – оваа информација е прикачена на билетот.

-Постапката за тестирање ќе ве чини 40 леи (околу 500 денари). Ако сте тестирани негативни, ќе ја добиете нараквицата за пристап. Ако имате позитивен тест, не можете да одите на натпреварот, не ја добивате нараквицата, но може да го пренесете билетот преку апликацијата на пријател, кој мора да ја набави нараквицата“, стои во водичот.

На  стадионот доаѓате со билет, нараквица и личен документ за идентификација, а треба да внимавате на времето за пристап на стадионот означено на билетот. Организаторот не дозволува да дојдете со поголем багаж од димензиите на лист А4, односно може да влезете со женска или машка чантичка. Не е дозволен да влезете со чадори, храна или пијалоци, а видео камерите и професионалните фотоапарати не се дозволени на стадионот. Штом ќе дојдете на портата на стадионот, носењето маска е задолжително се додека не заминете по завршувањето на натпреварот.

„Носете резервни маски во случај да се оштети првата. Само хируршките или FFP маските се прифаќаат, а не оние направени од друг текстил.

Во внатрешноста на стадионот ќе можете да купите вода, сокови и сендвичи. Храната може да се конзумира само на местата распоредени во близина на продажните места. Ќе можете да влезете на трибините само со пијалоци. Моментите кога јадете или пиете се единствените кога не носите маска. Во спротивно, маската е задолжителна и мора да ги покрие устата и носот. Алкохолот не е дозволен на стадионот. Дезинфицирајте ги рацете секогаш кога имате можност. На стадионот ќе најдете диспензери со средства за дезинфекција – користете ги!“ пишува во водичот за фановите.

Националната арена има доволно излези и затоа се молат фановите да не прават метеж и да ги следат препораките на волонтерите.

“Волонтерите го прават ова за Ваша погодност, тие не се платени за нивната работа. Им благодариме, им благодариме и ним! Уживајте во ЕУРО 2020! Вие сте еден од ретките кои имаа шанса да учествуваат на овој специјален настан за време на пандемија. Ден за паметење!“, соопшти организаторот.

Комплетниот водич можете да го симнете на линкот подолу:

https://www.frf.ro/en/fans-guide-for-the-uefa-euro-2020-match-austria-v-north-macedonia/

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.