ММС

Објавено на: 06/10/21 12:14 PM

Конституиран Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност

Во Владата денеска беше конституиран Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност, самостоен стручен орган кој ќе работи на обезбедување, оценување, развој и унапредување на квалитетот во високото образование и научно-истражувачката дејност во државата.

Националниот совет има обврска еднаш годишно да ги информира Собранието и Владата за предлог-мерките, решенијата и препораките што ги дал за подобрување на високообразовната дејност. Се формира согласно Законот за високо образование и е составен од 15 члена – 12 професори, и по еден член од МАНУ, од деловната заедница и од студентите.

МОН информира дека со оглед на тоа што нашата држава членува во Болоњскиот процес, високообразовни политики треба да бидат втемелени на документите усвоени во тие рамки како и на анализите, препораките и ставовите на Европската универзитетска асоцијација (ЕУА), Европската студентска унија (ЕСУ), Бизнисевропа, Советот на Европа и слични организации кои се, исто така, членки на Болоњскиот процес.

Министерката на образование и наука, Мила Царовска оцени дека ова е едно од најзначајните тела за високото образование и научно-истражувачка дејност.

„Корисни можат да бидат примерите од другите земји, но само како инспирација во воспоставувањето на решенија кои ќе бидат наши, сообразени на контекстот во нашата држава“, додаде таа.

Меѓу приоритетните задачи на кои треба да работи Националниот совет, наведува МОН, се незадоволителните оценки на квалитетот во високото образование, како и прашањата поврзани со студентите, како што се проодноста и нивниот стандард, а негов придонес се очекува и во подготовката на новиот Закон за научно-истражувачка дејност.

– Нашите очекувања, кратко кажано, се мошне едноставни, препознавање и насочување на расположливите ресурси во насоки со најголеми придобивки и пронаоѓање нови кои ќе постават сигурна основа за натпревар и развој, рече министерката Царовска.

Ккао што додава МОН во соопштението, од Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност се очекува дека ќе овозможи унапредување на финансиската автономија на универзитетите.

Советот предлага Уредба за мерила и критериуми за финансирање на високото образование, која потоа ја носи Владата врз основа на годишните финансиски планови на високообразовните установи, кои содржат број на студенти, тековни трошоци, реални трошоци за спроведување на секоја студиска програма и инвестициски трошоци.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.