ММС

Објавено на: 06/10/21 11:12 AM

Бројот на напади врз новинари е зголемен, а медиумската слобода нема напредок – ЗНМ го презентираше извештајот за 2020 година

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го претстави годишниот извештај за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите кој беше изготврен во рамки на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија.

– ЗНМ, СЕММ, МИМ и ССНМ силно го истакнаа своето спротивставување на измената на законот со кое би било дозволено државно рекламирање во аудиовизуелните медиуми. Новинарските организации сметаат дека не треба да се враќаме на нивото на кое беа медиумите пред четири години кога на нетранспарентен начин се влеваа пари во медиумите. Ставот на ЗНМ е дека платеното политичко огласување во аудиовизуелните медиуми треба да се укине, бидејќи на тој начин се „поткупуваат“ сопствениците на медиумите, се влијае негативно врз уредувачката политика на медиумите, но, исто така, и се „изместува“ рамнотежата на спротивставени гледишта во јавната сфера – истакна претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Во сите три главни индикатори на извештајот, како што се правната рамка за слободата на медиумите, позицијата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите, во 2020 година нема сериозни промени во медиумската сфера но има зголемување на трендот на напади, односно состојбата со безбедноста на новинарите и медиумските работници не е подобрена за разлика од минатата 2019 година туку напротив е влошена.

Во 2020 година, кризата со пандемијата предизвикана од вирусот Ковид-19 дополнително ја влоши финансиската состојба на медиумите поради намалувањето на приходите од комерцијални реклами.

Во 2020 година земјата бележи раст на скалата на Репортери без граници, од вкупно 180 земји беше рангирана на 92-то место, што е за три места повисоко од 2019 година.

Со цел да се надмине оваа пракса, потребни се интервенции и во Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и во Изборниот законик.

Во овој извештај за 2020 година се нотира дека реформата на јавниот радиодифузен сервис речиси не е ни започната, а финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање.

Според статистиката на ЗНМ, од почетокот на 2020 година беа забележани вкупно 14 напади и груби закани кон новинари, од кои повеќе од половината се кон новинарки. Споредбено, минатата година вакви инциденти имаше само четири, што значи дека оваа година нападите и заканите се трипати побројни. Во декември 2020 година, Основниот граѓански суд во Скопје донесе пресуди со кои се одбиваат тужбените барања од страна на новинарките Наташа Стојановска и Душица Мрѓа, кои бараа штета од државата за повреда на нивните права за време на настаните во Собранието на Република Северна Македонија од 27.04.2017 година.

Овие тужби следуваа по претходен повик на ЗНМ со цел обезбедување правна помош за новинарите и медиумските работници, кои беа нападнати или им беше уништена опрема во Собранието за време на тој немил настан. Ваквата пресуда е уште еден доказ дека постојат двојни стандарди за судот кога се во прашање политичарите и новинарите. Годишниот извештај за показателите за степенот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите во Северна Македонија, изготвен во рамките на проектот Регионална платформа на Западен Балкан, финансиран од Европската комисија е изработен, лекториран и преведен како на македонски, така и на албански и англиски јазик.

 

Текст и фото: Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.