ММС

Објавено на: 06/10/21 10:04 AM

Улиците низ Тетово како тркачки патеки – по градските булевари се вози и со 140 километри на час

Булеварот „Маршал Тито“ што претставува влез и излез на Тетово кон Скопје наликува на тркачка патека на која речиси сите ја надминуваат дозволената брзина за движење. Ова е генералниот впечаток од следењето на екипата на сообраќајната полиција која вчера навечер контролираше дали и колку се почитува дозволената брзина со помош на ноќен радар.

-Половина час ја следевме работата на полиција, па дури и без ноќен радар, само да се набљудуваат и да се слуша бучавата која ја прават автомобилите доволно е да се утврди дека брзо се вози иако станува збор за градско подрачје.

Ноќниот радар беше поставен на булеварот веднаш по надвозникот, поточно на излезот за стариот пат кон Скопје. Други полицијаци беа поставени неколку стотини метри подолу и имаа задача по информацијата од колегата од радарот да го запрат возилото. Имаа многу работа и во текот на целото време додека ја следевме нивната работа во ист момент по пет-шест автомобили беа запрени и им се изрекуваше казна за сторениот прекршок. Кога останатите возачи го забележаа овој метеж, почна и „блиндирање“, кратко и отсечно пуштање на долгите светла, со кои „солидарно“ ги известуваа другите автомобили од спротивен правец дека има полициска контрола.

За време на следењето на работа најголема брзина која ја „фати“ радарот беше 114 километри на час.  На оваа делница позната кај тетовци како „Монопол“ пред извесно време беше утврдено дека некој возел дури и 142 километри на час.

-Ова е градско подрачје, ограничувањето е да се вози 50 километри на час. Ако возачот вози до 80 километри на час ќе добие 45 евра казна без санкција.  Ако вози над 80 или 70 повеќе од пропишаното е 300 евра и забрана за управување возило од три до 12 месеци. Висината ја изрекува судот, изјави Зоранчо Талев, командир на Полициската станица за безбедноста во патниот сообраќај во Тетово, со кого ја следевме работата на патролата со ноќен радар.

-Целта е да се намалат овие тешки сообраќајни прекршоци, односно возење многу повеќе од дозволеното. Радарот со помош на опцијата трекинг ги следи возилата кои се движат над дозволеното и дава податоци колку точно е брзината, а воедно се снима неговото движење. Токму овој радар ни помогна да откриеме дека особено многу брзо се вози дури над 100 километри на час низ градските улици. Тоа не е дозволиво на вакво место бидејќи е фреквентно, има и голем број пешаци, губењето на котрола на возилото значи голема опасност за потенцијална жртви, објаснува командирот Талев.

-Патролата со ноќниот радар беше и на автопатот Тетово-Гостивар. Кај клучката Камењане во правец кон Тетово се мереше брзината, а додека ние ја следевме контролата, беше утврдена брзина од 152 километри на час.

Радарот за работа ноќно време користи технологија на сензори со инфрацрвена светлина со чија помош може да се следат возилата. Користи акумулаторска батерија.  Полицајците утврдија вкупно 19 пречекорувања. Само во последните неколку контроли за време на викендот казнети се 150 возачи на тетовското подрачје.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.