ММС

Објавено на: 06/9/21 10:57 PM

Руски истражувачи открија организми стари 24.000 години во замрзната почва

Научниците во Русија соопштија дека откриле микроскопски организми слични на црви кои преживеале најмалку 24.000 години во замрзнат слој почва во Сибир, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Истражувачите од научниот центар за биолошки истражувања „Пушчино“ откриле бделоидни ротифери, кои се само женки, во примерок од мраз собран во регионот.

Откако ги проучувале повеќеклеточните без’рбетници, откриле дека сè уште можат да се размножуваат и дека имаат целосен дигестивен тракт.

Бделоидните ротифери се отпорни на зрачење и се способни да издржат во негостољубиви средини.

Стас Малавин од истражувачкиот тим рече дека студијата е силен доказ дека повеќеклеточните животни можат да живеат десетици илјади години во состојба на криптобиоза, во која речиси го запираат метаболизмот на места каде што е тешко да се одржи виталната активност, како што се екстремно топла или ладна и токсична средина.

Претходно, научниците открија одредени видови обични црви и растенија во примероци на замрзната почва и објавија дека тие можат да останат живи во замрзната состојба.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.