ММС

Објавено на: 06/9/21 8:47 PM

Лавров: Прашањето за статусот на Нагорно Карабах ќе биде финализирано со учество на ОБСЕ

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, наведувајќи дека прашањето за статусот на Нагорно Карабах ќе биде финализирано со учество на Минската група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), рече: „Копретседавачите во оваа фаза не треба во агендата да го внесат прашањето за статусот, туку потребно е решавање на мерките поврзани со довербата, решавање на хуманитарните проблеми, Ерменците и Азербејџанците да можат да се гледаат, и да им се обезбеди заеднички безбеден и економски стабилен живот“, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Лавров на Меѓународниот форум за читања на Примаков, на кој учествуваше, даде изјава за медиумите во која се осврна на актуелните прашања.

Осврнувајќи се на прашањето за Карабах, Лавров рече дека копретседавачите на Азербејџан – Ерменија – Русија ја продолжуваат својата работа кон стабилизирање на регионот.

Нагласувајќи дека страните ги земаат предвид интересите на соседните земји во врска со Карабах, Лавров рече дека стратешките транспортни линии кои минуваат низ регионот се од клучна важност.

„Интересите и на Турција и на Иран се земени предвид во работата на трипартитната група“, додаде Лавров.

Истакнувајќи дека прашањето во врска со статусот на Нагорно Карабах сè уште не е решено, Лавров подвлече:

„Статусот на Нагорно Карабах ќе биде финализиран со учество на Минската група на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ). Копретседавачите во оваа фаза не треба во агендата да го внесат прашањето за статусот, туку потребно е решавање на мерките поврзани со довербата, решавање на хуманитарните проблеми, Ерменците и Азербејџанците да можат да се гледаат, и да им се обезбеди заеднички безбеден и економски стабилен живот. По неколку години проблемите со статусот ќе може полесно да се решат.“

Наведувајќи дека се даваат емоционални изјави од страните на прашањето за Карабах и земјите од регионот, Лавров рече: „Ги повикуваме сите страни вклучени во оваа ситуација да преземат иницијативи за смирување на регионот и за обезбедување нормален живот.“

Лавров, посочувајќи дека руско-турскиот центар за набљудување на примирјето продолжува со своите активности во Нагорно Карабах, рече дека ова е многу корисен и стабилизирачки фактор.

​​​​​​

– Нема очекувања од самитот Путин – Бајден

Давајќи проценки за односите меѓу Русија и САД, Лавров рече дека тие немаат многу важни очекувања од самитот што ќе се одржи на 16 јуни меѓу претседателот на Русија, Владимир Путин, и американскиот претседател, Џо Бајден.

Изразувајќи надеж дека американската страна при подготовките за самитот работeла на грешките од минатото, Лавров рече:

„Подобрувањето на односите Русија – САД можно е во согласност со принципите на еднаквост, меѓусебно почитување и немешање во меѓусебните внатрешни работи.“

Истакнувајќи дека очекуваат со САД да разговараат за прашањето за кибербезбедноста, Лавров рече дека тие имаат заеднички интереси со Соединетите Американски Држави во однос на стратешката стабилност и дека нивните контакти продолжуваат по ова прашање.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.