ММС

Објавено на: 06/9/21 6:51 PM

Костадинов: Ни одговара тоа што нè сметаат за аутсајдери на ЕП

На само четири денови до првиот историски натпревар на Македонија на Европското првенство, репрезентативците го одржаа вториот тимски тренинг во Букурешт, подготвувајќи се во голема мера за тешкиот дуел со незгодната Австрија.

Од она што може да се забележи, самодовербата на момците на Игор Ангеловски е на завидно ниво, а поволната атмосфера во нашите редови ја потврдија денес Тихомир Костадинов, како и играчот од средината на теренот на Леванте, Енис Барди.

Фудбалерот на словачки Ружомберок, смета дека улогата на аутсајдер на ЕУРО 2020 целосно му одговара на селекцијата на Македонија и дека притисокот кој на едно вакво големо натпреварување треба да е присутен, репрезентативците практично и да не го чувствуваат.

-Последните два контролни натпревари на националната арена, посебно мечот со Казахстан, се одлична увертира за претстојното првенство. Овие две недели ги искористивме на најдобар можен начин што подобро да се подготвиме за натпреварот против Австрија. Секој меч на ова првенство ќе биде тежок, ова за нас претставува огромен предизвик, бидејќи ни е прво Европско. Ги знаеме нашите квалитети, подготвени сме, ќе атакуваме на победа на секој натпревар. Расте самодовербата кај нас играчите, селекторот и целиот стручен тим. Ни одговара тоа што не сметаат за аутсајдери на ова првенство, тоа ни оди во прилог, опуштени сме, не чувствуваме никаков притисок. Оваа репрезентација поседува квалитет, изјави Костадинов за ФФМ.

Брилијантниот средњак кој беше под знак прашалник за настап за Македонија на европскиот турнир, поради двата позитивни тестови на Ковид-19, изрази огромна благодарност кон своите соиграчи и селекторот за периодот кога се наоѓал во изолација. За Барди ситуацијата не била лесна, но сепак на крајот поминало сè во најдобар ред. Барди додаде дека иако јавноста на Македонија гледа како аутсајдери, 26-те кои отпатуваа за Романија воопшто не го делат тоа мислење.

-Со нетрпение го очекувам стартот на ова првенство, сите сме максимално фокусирани на првиот натпревар против Австрија, селекција која ни е многу добро позната. Тоа што го постигнавме со селекцијата до 21 година во Полска е нешто незаборавно, но овој настап и овој турнир е нешто сосема различно. Не се чувствуваме како аутсајдери, тоа го докажавме и покажавме на претходните натпревари. На ова Европско првенство ќе потврдиме колку навистина вредиме како тим. Ми претставува огромна чест што сум дел од оваа генерација која успеа да оствари историски успех, пласман на едно Европско првенство. Ќе дадам се од себе на секој натпревар, а на селекторот е да одлучи дали ќе играм од почеток. Треба да бидеме максимално концентрирани на секој натпревар и во текот на сите 90 минути, рече Енис Барди за ФФМ.

„Рисовите“ покрај Австрија во недела од 18 часот, ќе се соочат на „Националната Арена“ во Букурешт и со Украина, а во последното коло од групата Ц во Амстердам ќе ги вкрстат копјата со фаворитот Холандија.

 

 

Фото:

Facebook / ФФМ

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.