ММС

Објавено на: 06/9/21 5:14 PM

(ФОТО) Сари на кормилото на Лацио

Поранешниот тренер на Наполи, Јувентус и Челзи, Маурисио Сари, од денес застана на кормилото на Лацио, објавија од римскиот клуб.

Некогашниот банкарски работник и тренер познат по својот неконвенционален напаѓачки стил и „вертикална тики-така“, по една година пауза од фудбалот повторно се врати на тренерувањето и тоа во лигата каде што остави најсилен печат.

Шеесет и двегодишниот стручњак ќе се задржи на клупата на лацијалите до јуни, 2023 година, а доаѓа како директна замена за неговиот сонародник Симоне Инзаги. Некогашниот напаѓач токму на Лацио, го промени Рим за Милано, наследувајќи го Антонио Конте на шампионското столче.

Сари во последните два ангажмани во Англија и Италија освои по еден значаен трофеј. Со екипата на Челзи го порази Арсенал во финалето од Европа Лига со 4:1 во 2019 година, додека пак со Јувентус го освои деветтото последователно Скудето во сезоната 2019/2020.

Италијанскиот првак од почетокот на 21 век на интересен и невообичаен начин, без зборови, на социјалните мрежи го претстави новиот тренер. Тие на „Твитер“ оставија само една емот-икона, доволна за да се опише човекот што надежно ќе го врати Лацио на старите патеки.

Во раните 2000-ти Сари ја напушта работата во банка и се посветува комплетно на тренерската струка. Тој за првпат пристигнува во Сериа А во 2013 година со екипата на Емполи, на 55-годишна возраст.

Како прво потенцијално засилување за тимот од светлосиниот дел на Рим, се споменува играчот од средината на теренот на Челзи, Рубен Лофтус-Чик.

Фото:

Twitter

д.ј


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.