ММС

Објавено на: 06/9/21 3:38 PM

Цените во Охрид и Струга исти и годинава, први гости се српските граѓани

По една година пауза поради пандемијата на Ковид-19, Охриѓани и Стружани повторно ги пречекаа првите странски туристи. Цените остануваат непроменети, барем што се однесува до храната и такси превозот, а сместувачките капацитети варираат во зависност од условите кои ги нудат.

Лани Охрид и Струга беа преполни со македонски туристи кои останаа дома поради затворените граници, пред се со Грција, а годинава се очекува да се повтори бројката, но и да се достигне нивото од 2019 година кога странците ги полнеа капацитетите уште од крајот на мај до средината на септември.

– Во Охрид почна туристичката сезона. Српските туристи се првите странци кои го посетија градот. Цените во кафулињата и во рестораните се непроменети, а колку што знам и сместувачките капацитети се со пристојна цена. Единствена промена во Охрид е само паркингот кој од 1 јуни до 31 август и малку покачен. Во А зоната се паркирате за 40 денари на час, а Б зоната ќе ве чини 30 денари на час. Од пред две години имаме и премиум зона од затворен тип за овој период од годината која чини 100 денари на час. Таа е наменета за странците кои сакаат да се паркираат што поблиску до градската архитектура – изјави правникот во ЈП Билјанини Извори, Миле Нестороски.

Тој додаде и дека фискалните сметки од 400 денари за паркинг кои кружат на интернет се всушност издадени за дневна паркинг карта која чини навистина толку, но никогаш општина Охрид не одредила цена за паркинг од 400 денари за час.

И Томе Блажевски од Охрид се сложува дека цените на сместувањето се речиси исти бидејќи штотуку почна сезоната, но за разлика од порано има мала посетеност на странските туристи.
– Што се однесува до цените во рестораните, кафулињата и плажите, има покачување за разлика од претходните години, а некаде се исти – рече Томе Блажевски и додаде дека поскапениот паркинг во центарот на градот на 100 денари за еден час за охриѓани бил како да “сте биле во Монте Карло“.

Во Струга се зголемуваат паркинг капацитетите, но и зоната за шетање и за разлика од Охрид, цените се малку пониски во рестораните, кафулињата.

– Лани беше одлично, само што немавме странски туристи, најчесто со ваучери работевме, но добро беше со оглед на условите. Годината 2020 ја почуствуваме силно. Целата година беше несвојствена. За среќа немаше отпуштања, имавме редовни плати и поддршката од државата ја искористивме максимално. Додека бевме затворени го искористивме времето за да ги подобриме хигиенските услови и да се адаптираме на новите протоколи.

Годинава очекуваме странски туристи повторно. Со самото вакцинирање, со негативни ПЦР тестови и сите мерки, очекуваме добра сезона. Ќе биде тешко додека луѓето стекнат доверба во нас и во постковид мерките, но природата, климата и езерото ќе направат гостите да бидат задоволни, рече за ММС менаџер на хотел на струшката ривиера.

Орце Костов

Моника Пејоска Насковска

фото: Орце Костов

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.