ММС

Објавено на: 06/10/21 10:03 AM

Не може да голтаат, го губат гласот и отежнато зборуваат – Со м-р Светлана Трнинкова за улогата на логопедите при ковид последиците

Проблеми со голтањето на храната, со гласот и отежнато зборување – ова се дел од последиците кои ги чувствуваат пациентите во постковид периодот. Тие се најизразени кај оние кои биле на кислородна поддршка, но и покрај полесната клиничка слика, проблемите со зборувањето може да се јават и кај децата на кои намалената интеракција со врсниците и отсуството на дружба им влијаат стресно. До вакви заклучоци дошле логопедите, кои покрај сите останати стручни лица, со сет вежби може да им помогнат на пациентите.

Истражувањата на логопедите кои се универзитетски професори во Белград покажуваат дека 20 проценти од луѓето кои прележале ковид-19 се соочуваат со дисфагија, односно компликација или неможност да голтање – вели Светлана Трнинкова, мастер логопед.

Според Трнинкова ситуацијата е слична и кај нас, па доколку луѓето забележат вакви проблеми освен од оториноларинголог, помош може да побараат и од логопед.  Токму улогата на оваа професионална фела во справувањето со постковид последиците е тема на разговор со неа.

„Во пост ковид периодот, од логопедски аспект, како последица кај пациентите може да се јави дисфонија. Тоа е состојба која се однесува на квалитетот на гласот, па во тој случај пациентот има зарипнат глас, шумлив глас“, објаснува Трнинкова во интервју за ММС.

Таа вели дека до ова доаѓа поради кислородната поддршка кај пациентите. Во исклучително ретки случаи, вели логопедот, може да се јави и афонија односно губење на гласот.

Течна или кашеста храна за побрзо справување со дисфагијата

Логопедскиот третман кај дисфагиите зависи од клиничката слика, потенцира нашата соговорничка. Таа вели дека дисфагијата инаку, може да се јави и како последица на мозочен удар, па токму од работата со тие пациенти, логопедите имаат знаења како да се справат со ваквиот здравствен проблем. Разликата е во тоа што таа е полесен степен кај пациентите со Ковид, па затоа и времетраењето на логопедските вежби би можело да биде помало.

Ја прашавме и дали кога некој отежнато голта, видот на храната може да ја докомплицира или поедностави ситуацијата, на што Трнинкова посочува дека е важно да се јаде исклучително кашеста или течна храна, која не треба да е ни премногу ладна, ни премногу топла.

Таа објасни и како изгледа најелементарната вежба која пациентите може да ја прават во домашни услови за да си помогнат самите на себе:

„Кога доаѓа пациентот во логопедска ординација има сет на вежби. Една од тие вежби е пациентот да е во седечка положба, при што брадата се наведнува кон градната коска, па се прави полукруг на лева страна, па главата оди нагоре. Ова се изведува додека во устата има течна, кашеста храна за да дојде до полесно голтање. Целта на оваа вежба е храната од предниот дел на јазикот, да се поттисне наназад кон хранопроводот и баш таа логопедска вежба ја спроведуваме за дисфагиите за да го олесни голтањето. Додека ја прави пациентот вежбата во исто време голта храна“.

Понатаму, Трнинкова вели дека во ваков случај се користат и логопедските сонди.

Со сондата за корекција на гласот „р“ имаме сет вежби за пасивна масажа на јазикот, странично, па и на базата на јазикот. Исто, имаме и друга сонда која ја користиме за корекција на гласот „к“. Тоа е сонда која се применува кај врвот на јазикот бидејќи кај дисфагиите имаме и слаба подвижност на јазикот, затоа и доаѓа до потешкотии со голтањето. Со таа сонда, бидејќи потешко голта пациентот, па заостанува храна од страните на образите, за да се подобри моториката или функцијата на јазикот, полека врвот на јазикот се турка кон задниот дел на усната празнина. Тие се едноставни вежби и ги кажувам со цел луѓето да си помогнат на овој начин самите на себе во домашни услови.

Нарушување на гласот како последица на прележан коронавирус

Освен дисфагија, како последица на коронавирусот кај пациентите може да се јави и дисфонија или нарушување на гласот. Кај дисфонијата се користат друг тип логопедски вежби чија цел е да се постигне правилно дишење.

„Тука логопедот практикува пасивна и активна масажа на мимичната мускулатура на лицето и вратот. Има посебни вежби за земање на воздух, контролирана аспирација, со цел пред се’ кај пациентите кои имале потешка форма да се предизвика глас или шум. Меѓутоа, овие пациенти парлелно се и под контрола на оториноларинголог. Има медикаментозна терапија која тој ја препишува за да се врати функцијата на гласот. Тука не треба да има физичко оптеретување, но и да нема нагло гласно зборување. Една од препораките е тивко зборување со почести паузи, ритмички вежби, пеење. Тоа е дел од терапијата, а другото се специфични вежби“, додава Трнинкова.

Таа констатира дека логопедите може да им помогнат и на децата, кај кои вирусот не создава тешка клиничка слика, но влијае доста стресно, што може да се манифестира и со физички симптоми.

„Ковид состојбите кај децата повеќе делуваат психички. Немам податоци дека тие имаат потешкотија во голтањето, но како резултат на изолацијата може да се зголеми пелтечењето. Како резултат на стресната состојба може да се јави и селективен мутизам. Тоа е резултат на стрес, кога детето тивко зборува со другарчето. Мутизам значи воопшто да нема зборување“, појаснува логопедот. Таа во интервјуто за ММС додава дека децата кај кои има мутизам и не зборуваат, всушност не се глувонеми, туку не зборуваат поради стрес.

„Тоа дете не е глувонемо, претходно веќе развило нормален говор, но поради стресната состојба може да се јави отсуство на говор. Како резултат на изолацијата децата може да станат несигурни во себе и да одбиваат да комницираат на училиште.Тоа се одразува на успехот и на психофизичката состојба на детето. Може да зборува со блиско другарче, тивко да шепоти, а за време на часовите да одбива да зборува. Тука родителите треба веднаш да се обратат на логопед, си има стручен пристап“, советува Трнинкова.

Таа нема оптимистички прогнози во однос на влијанието на зачестената употреба на технологијата врз детското здравје, па предвидува дека допрва ќе се зголемат пелтењето, дисграфијата и дислексијата.

„Ако зборуваме за ковид-19, кај луѓе кои веќе имаат пелтечење може да се влоши состојбата поради стрес од новата ситуација. Препорачливо е тие да се обратат кај уво нос и грло а потоа кај логопед“, додава Трнинкова.

Таа смета дека треба да се зголеми свеста кај младите за оваа професија и се надева дека кога ќе се отвори новиот, долгонајавуван клинички центар во Штип ќе има центар за рехабилитација каде би се вработиле логопеди кои на пациентите од источниот регион ќе може да им овозможат здравствени услуги, за кои тие сега патуваат до главниот град.

Вања Мицевска

Фото: Кире Андонов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.