ММС

Објавено на: 06/9/21 1:44 PM

Седум компании ќе платат 55.510 евра за случајот со увоз на мазут – Николовски и Бектеши ги соопштија наодите од анализата

На седум компании им се изречени прекршочни казни од 55.510 евра, изречени се и решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците за случајот со увоз на мазут.

Заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија, Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираа за наодите од спроведената сеопфатна анализа што ја направија државните институции за увозот на мазут.

Како што информираше вицепремиерот Николовски утврдени се  неправилности кај дел од компаниите увознички. Изречени се решенија за забрана за работа, забрана за пуштање во промет на мазут и покренати се барања за одземање на лиценците. На седум од компаниите им се изречени прекршочни казни во вкупен износ од 55.510 евра.

Сите наоди како што информираше Николовски утрово се доставени до Основното јавно обвинителство за понатамошно процесирање и утврдување на евентуална кривична одговорност.

Вицепремиерот Николовски потенцираше дека согласно владините задолженија при вонредните инспекциски надзори, се опфатени и сите останати фирми увозници, а надзорите се вршени во сите фази, од увоз до складирање и користење на нафтените деривати, а кај дел од нив беа констатирани неправилности во делот на законската обврска за чување залихи и правилно водење на сметководствената евиденција.

Анализите како што информираше Бектеши го покажуваат следното:

Кај компанијата „Блу Технолоџи”, е констатирано дека продава „мазут ППД”, којшто како производ не е деклариран во Правилникот за квалитет на течни горива. Поради тоа, ДПИ на компанијата и изрече Решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ.

Кај правниот субјект „САНС АГ Штип”, утврдено е производство на мазут од отпадни гуми, за кој Инспекторатот за животна средина констатираше дека не ги исполнува стандардите за квалитет. За оваа компанија, изречена е забрана за работа и барање за одземање на Б интегрирана дозвола.

„ДПИ, за овие две компании достави допис до Државниот инспекторат за животна средина за покренување постапка за одземање на лиценца, поради производство на производ кој го декларираат како мазут, а не соодветствува со параметрите на мазут, што е спротивно на Правилникот за квалитет на течни горива”, кажа Бектеши.

Понатаму според анализата, кај компанијата „Евротим”,утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот, што оваа компанија го увезува. Односно, параметрите за квалитет на мазут не одговараат согласно Правилникот. По задолжение од ДПИ двете цистерни од кои се земени мостри се вратени кај добавувачот. Дополнително, ДПИ има земено мостра и од складиштето на компанијата „Евротим”, за што анализите ќе бидат готови во текот на денешниот ден. ДПИ на оваа компанија и изрече Решение за времена забрана за пуштање во промет на мазут.

Кај пет цистерни со мазут на компанијата „Суперјтрејд”, утврдено е  отстапување од параметрите согласно Правилникот за квалитет на течни горива, во делот на поголем процент на вода од дозволеното. Петте цистерни на овој увозник, се вратени кај добавувачот. Дополнително, после неколку дена, кај оваа компанија е извршен уште еден инспекциски надзор, земени се три мостри, и утврдено е дека земените примероци се во согласност со Правилникот.

„Кај 7 компании изречени се прекршочни казни во вкупен износ од  55.510 евра. Или конкретно: „РКМ ДООЕЛ” за немање на залихи и за неточно водење на сметководство. „Суперјтрејд”, исто така за немање на залихи во резервоарите, што ќе повторам е законската обврска. „Евротим”, поради немање залиха, и да потсетам истата оваа компанија има забрана за промет на мазут, поради отстапки во квалитетот. „Пертинакс-Скопје”, нема залихи на мазут. „Ли-оил ДБ Кавадарци”, нема залихи на мазут. „Блу технолоџи”, за несоодветна сметководствена евиденција, и оваа фирма како што кажав погоре има и привремена забрана за работа. „Ка-оил Енерџи Кавадарци”, нема залиха и утврдено е дека компанијата вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторна комисија за енергетика”, кажа Бектеши.

При спроведената внатрешна контрола од Царинската управа, утврдено е дека кај една компанија, тоа е  „РКМ ДООЕЛ”, декларираниот производ не се совпаѓа со царинската тарифа под која е увезен. Тоа значи дека еден производ бил означен во фактурата, а сосема друг е увезен. Од страна на Царинската управа, направено е прераспределување во правилна тарифна ознака, и од фирмата „РКМ” е наплатен царински долг, дополнителни давачки и прекршоци во износ од над 24 илјади евра. Кај сите други контролирани компании, декларираниот производ се совпаѓа со дериватот што е увезен.

 

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.