ММС

Објавено на: 06/9/21 11:18 AM

Во една соба јаде, спие и врши нужда – животна мака на семејството Миленковски од делчевско

Тежок е животот во 21 век за семејството Миленковски од делчевското село Град. Без струја и основни хигиенски услови, 70-годишната Радица и 45-годишниот Спаско престојуваат во неколку метри квадратни во трошната куќичка на крајот на селото.  Поради неподвижноста на Спаско и извршување на основните човекови потреби на едно место, уште од влезот на куќата се чувствува непријатната миризба, а внатре во самите простории глетката е запрепастувачка.

Состојбата ни ја долови третиот син на Радица, Благој Миленковски кој живее во Делчево, има свое семејство со три дечиња и одвреме навреме доаѓа да ги види. Како што вели секој пат кога доаѓа срце му се кине од самата глетка, помага колку што може, но како што вели не е доволно.

-Јас колку можев се потрудив сакам јавноста да види зошто барам помош. Овде живеат мајка ми и брат ми, кои нема кој да ги „гледа”. Брат ми „залегнал”, бев по лекари, трчав „нагоре-надоле”, го носев каде треба, но немам помош од никаде. Јас не можам да им помогнам, женет сум имам три деца, платата која ја земам на нив ја трошам, со еден збор не ми стига платата за да му помогнам некако на моето родено семејство, вели Миленковски.

Поради животот во Делчево и оддалеченоста од селото, како што додава Благој, тој не е во можност да ги посетува често. Планира да се врати во село Град и да живее во друга куќа, но и тогаш како што додава нема да биде во можност често да ги посетува заради секојденвните обврски. Поради тоа што куќата е стара, а и од страв да не фатат некоја болест апелира до хуманите да му помогнат на неговото родено семејство, бидејки вели дека вака тешко дека ќе имаат „живеачка” долго време.

-Брат ми како што кажав „залегна”, не може ни да јаде, ни да станува, ни да се бања и да не се изразам лошо ни да извршува основни потреби да извршува. Се’ што прави, прави тука во собата каде живеат со мајка ми. Ситуацијата е лоша, барам помош од јавноста, кој со што може да помогне. Значи потребно е просторијата да се окречи, да се среди, бидејќи многу е загадено, можат да фатат некоја болест. Кој сака да може да помогне со што и да е било со пари, со мебел, со јадење, кој колку може, додава Благој Миленковски.

Неговата седумдесетгодишна мајка Радица кажа дека исто така најголем проблем им е струјата која ја немаат веќе две години.

За синот Спаско, додава дека ја изгубил здравствената книшка и не знаеше да каже точно каков е неговиот здравствен проблем.
-Спаско не може, заболе, падна и на доктор го водевме, ја изгубил книшката. Нема кој да му купи апчиња, нема кој да дојде да го види да го води на лекар. Струја немаме одамна откако ми се помина вториот син Трајчо, додека тој беше жив имаше, а сега дали нешто изгорело не знам. Нема ни саат за струја, што да ти кажам синко, се’ е старо овде, вели Радица.
Свесна е за ситуацијата и додава дека им се потребни многу работи, но не знае како целата ситуација да се реши.

Од Центарот за социјални работи велат дека одвреме навреме го посетуваат ова семејство и притоа имало обид Спаско да биде сместен во соодветна институција, но обидот бил безуспешен. Надеж гледаат во враќањето на синот Благој во село Град каде тој наскоро ќе се пресели и кој според нив одвреме навреме ќе може да им пружа каква таква нега.

Валери Спасевски

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.