ММС

Објавено на: 06/8/21 3:15 PM

Граѓаните мора да знаат што се преговара: ВМРО-ДПМНЕ на предупредувачки протест со блокада на сообраќајот

На три локации во Скопје протестираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно лидерот Христијан Мицкоски најави тридневни протести предупредувајќи дека Заев и Бучковски водат, како што рече, предавнички преговори.

Потпретседателот на партијата, Владо Мисајловски им се извини на граѓаните бидејќи го блокираат сообраќајот во Скопје, но рече дека тоа е со една причина – за да го кренат гласот и јавноста да дознае што се преговара со Бугарија.

„Излеговме на улиците за да го кренеме гласот, да побараме од власта да ни покаже  што стои на масата, дали повторно се преговара за македонскиот идентитет или каков е тој патоказ или договор. Сите сме за ЕУ, но има нешто што е поважно од тоа, а тоа е македонската држава, нацијата, граѓаните  и се разбира, идентитетот и јазикот“, нагласи Мисајловски во изјавата за медиуми.

Тој и’ порача на власта да не прави погрешни чекори.

„Нека излезат и нека кажат што преговараат. Ние ќе бидеме на улиците и во следните денови, а од власта очекуваме да каже дали во нивната дипломатска мисија идентитетот се става на маса. Да каже дали Заев изигрува трговец-поединец и судбината на сите граѓани, без да знае никој тука во Македонија,  тој да ја определува и да биде судија“, додаде Мисајловски.

Пратеникот и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ пак, Тимчо Муцунски потенцира дека граѓаните мора да знаат за што се преговара.

„Тоа што ни го потврди вчера бугарскиот министер за внатрешни работи е дека бугарските позиции се предвидливи и  се конзистентни. Флоскулите дека не се преговара за историјата и  за јазикот сме ги слушале и претходно. Слушавме ветувања дека нема да се преземат одредени чекори во надворешната политика, но праксата на Владата на СДСМ и ДУИ е попусливост и откажување од јавните заложби. Доколку таканаречениот Патоказ инкорпорира позиции прифатливи за нашите граѓани, Владата не би требало да има страв да каже за што се преговара во овој процес“, додаде тој.

Поддржувачите на денешниот протест го споменаа и Договорот со Бугарија, односно членот  8 со кој според нив, веќе се засегнуваат некои моменти од македонскиот национален идентитет.

„Денеска сме собрани народно во одбрана на она што претставува македонски идентитет. Ова идентитет го слушаме мнгу често последните денови, но ако не му дадете содржина на идентитетот, ако не го именуваме како народен историски и суштински, тогаш тоа нема значење. Со договорот,  Бугарија веќе си обезбеди одредени права да го оспорува идентитетот. Тоа значи оспорување на македонската национална историја  и култура. За да се реши овој проблем ќе мора да се прават отстапки од Македонија“, изјави професрката Наташа Котлар.

Опозицијата ги блокира крстосниците кај „Нова Македонија“, „Мавровка“ и кај Парламентот. Протестот ќе трае до 17 часот, а паралелно се протестира и во десетина други градови.

 

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.