ММС

Објавено на: 06/8/21 2:22 PM

EХO: Расте бројката на семејно насилство во Штип, минатата година пријавени 87 случаи

Само во текот на минатата година во Штип се регистрирани 87 пријавени случаи на семејно насилство. Една од причините е пандемијата, но и сега со олабавување на мерките бројката  расте, вели Бети Пејева од НВО ЕХО, која повеќе од 18 години работи на темата насилство врз жената и семејно насилство.

„Ние овие теми ги третиравме и кога никој друг не го правеше тоа. Она што сега радува е што резултатите сега се многу подобри во однос на исходот, бидејќи ЕХО работи со Мултисекторски тимо во Штип, кој се состои од претставници од Полицијата, Обвинителството, судството, здравството, од општината. Центарот за социјални работи е доста ефикасен и ажурен , така што можам да се пофалам со фактот дека можеби имаме најдобар исход на случаеви со коишто ние работиме во нашата земја. Дефинитивно Штип треба да биде пример за тоа , како се координираат давателите на услуги кои што го третираат насилството,“ тврди Пејева.

Според неа она што изненадува е тоа што во последните години расте свеста кај младите жени кои што рано стапиле во брак и кои што можат да го идентификуваат и препознаат насилството.

Тие, вели Пејева, многу побргу се решаваат да го прекинат тој ланец на насилство, затоа што се свесни дека може да се случи трансгенерациски пренос на насилството.

НВО ЕХО денеска во Штип во рамките на проектот  „Преку женски активизам и иницијативи до родово инклузивна и одговорна општина“, организираше отворен информативен ден „Ти можеш да направиш промена во твојата заедница!“ 

„ Настанот има цел ​да ги поттикне жените од Штип да ги изнесат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневието, а кои може да ги реши локалната самоуправа. Сакаме да ги слушнеме проблемите, потребите и предизвиците со кои се соочуваат жените во нашата општината а потоа тоа на некој начин да го сублимираме, да го пренесеме до општината. Ќе се потрудиме овие проблеми да се решат и да бидат на некаков начин вклучени во буџетот за следната година,“информираше Пејева.

Проблемите кои што се посочуваат најчесто се од областа на социјалната заштита, како на пример насилството врз жени, проблемите со старите и изнемоштени лица, децата со посебни потреби. Од комуналните дејности, се посочува на неосветлени улици, потребата од уредување на урбаните простори. Од спортот, немањето на можност жените да се вклучат во спортски активности зошто не постојат соодветни терени или сали кои што би биле на располагање на жените во секое време, потоа здраствената едукација и поголемо воспитно делување во образовниот процес во смисла на родова сензибилизација т.е. надминување на стереотипите за мажите и жените.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.