ММС

Објавено на: 06/9/21 6:20 PM

Немаме ниту пристап до училиштата за учениците со посебни потреби, а воведуваме тотална инклузија од септември –  Анита Стојчевска, специјален едукатор и дефектолог зборува за проблемите во образованието

Незадоволството и протестите на родителите против дигиталните учебници фрли во сенка еден друг процес, тоталната инклузија во образованието која треба целосно да се воведе од следниот септември.

Инклузивноста е процес кој доаѓа откако ќе се достигне одредено ниво на општествена зрелост, а ние не сме стигнати ниту до средства за лична хигиена за секое дете во училиштата во Македонија.

Анита Стојчевска, специјален едукатор и рехабилитатор и магистер по малолетничка деликвенција работи активно во проектите за инклузија на лицата со посебни потреби, посебно во областа на унапредување на квалитетот на животот на лицата со нарушувања од спектарот на аутизмот.

Таа смета дека не сме целосно обучени за тоталната инклузија која ќе се случи од следниот септември. Во разговорот за ММС, Анита ги наброи аномалиите на системот поради кои мисли дека овој процес ќе наиде на потешкотии.

– Не можеме да кажеме дека сме целосно обучени за тоталната инклузија која ќе се случи од следниот септември. Не сме подготвени за тоа затоа што немаме предуслови. Ни фалат услови, имаме архитектонски бариери во училиштата, во градот. Доколку ни дојде ученик со церебрална парализа, ние немаме пристап, како ќе му овозможиме секојдневно движење. Немаме доволно дидактички помагала за работа. На учениците кои имаат оштетен вид, им требаат посебни тастатури, посебни клупи, посебни монитори.  Ни требаат многу помалага ,а немаме доволно средства. Многу време треба да помине за да седнеме и да зборуваме за тотална инклузија, смета таа.

Дефектологот Стојчевска е член на здружението „Сина Светулка“, кое работи на унапредување на квалитетот на живот на лицата со аутизам, а е вработена во средното училиште “Киро Бурназ“ од Куманово во последните три години.

– Тоа е училиште кое работи со типична популација, но имаме и ученици со аутизам, комбинирани пречки, пречки во говор и јазик. Имаме паралелки од условно кажано, нормални ученици и во секоја од нив има ученик со посебни образовни потреби. Во нашето училиште заклучно со оваа учебна година се 17 ученици, еден е со аутистичен спектар, адругите се со комбинирани пречки.

Јас како дефектолог по старо или по ново едукатор, јас сум дел од стручниот инклузивен тим составен од дефектолог, психолог, педагог, социолог и наставници кои предаваат на овие ученици. Имаме добар тим кој излегува во пресрет, но работата е напорна, да бидеме реални, додава Анита.

Бидејќи живееме во општество кое тешко ги прифаќа промените, потребна е сензибилизација во средината, потребно е граѓаните да сфатат дека сите можат да ги прифатат учениците со посебни потреби и да почнат да градат добар човечки однос со нив како што тоа го прават нивните соученици.

– Проблемот лежи во тоа што учениците не се доволно информирани. Но, тоа се во основа деца кои сакаат да се дружат. Оние, условно кажано, нормалните ги прифаќаат, нема проблеми. Единствена потешкотија е што не знаат како да се постават, па се ставаат во улога на заштитници, не прашуваат како да му помогнат, што да му дадат. Кај децата има развиена емпатија. И децата со посебни потреби се привикнуваат затоа што имале контакт со некои ученици и додека биле во основно образование.  И кај нив има резерва, имаат страв од непознатото, но затоа сме ние тука, да ги запознаеме, да ги здушиме како што викаме во Куманово. Генерално тие сакаат да бидат со своите врсници, сакаат да се дружат, да играат, да се викаат по родендени. Зборуваме за генерална слика, но има исклучоци, раскажа дефектологот од Куманово.

За разлика од учениците, родителите се чини имаат поголем скептицизам за процесот на инклузивност затоа што се недоволно информирани.

– Тие треба да знаат дека аутизмот не е болест и нивното дете нема да се зарази. Тоа е состојба со која живее некој поединец и со која живее неговото семејство. Родителите треба да бидат убаво информирани дека тоа е секаде во светот прифатливо, дека децата со аутизам треба да бидат интегрирани во редовната училишна средина почнувајќи од предшколска возраст, вели Анита и додаде дека треба многу да се работи на јавната свест.

Експертите како неа се организираат во здруженија со цел да влијаат врз погледите на луѓето. Благодарение на споделувањето на нивните искуства и на тоа што и самите родители на деца со аутизам зборуваат јавно, чувството на емпатија во општеството е на повисоко ниво:

– Имаме позитивни примери, родители на нормални деца се повеќе се вклучени во овие организации. Сменети се работите, но не е се розево. Во градинките имаме инклудирани деца, но проблем е што градинките се преполни. Тоа дете има некогаш потреба од индвидуален пристап и поддршка и се јавува напад. Од таа гужва во групите, детето не добива внимание и реагираа агресивно. Тогаш родителите реагираат на неговото однесување. Но, проблемот е системски, преголеми се групите. Кога одделението е помало, наставникот може да му се посвети повеќе на секое дете и на тоа дете со посебни потреби. Стојчевска вели дека тие во своето училиште имаат позитивен пример на ученик со аутизам кој има и посебен асистент кој му помага. Ова е, всушност, дел од законската можност секој ученик кој има потреба од помош, да добие образовен асистент на трошок на државата.

А, за секој ученик со посебни образовни потреби кој има целосна документација со наод и мислење, се изработува индивидуален образовен план за секој предмет одделно. Стојчевска вели дека се работи според она што ученикот умее и знае да направи. Во овој план може да се вклучат сите, од наставник до родител.

– Излегоа премногу информации за инклузијата како процес. Не дека сум против тоа, но ги гледам недостатоците кои ги има секое училиште. Немаме подготвено ниту стручен кадар за да може да ги прими тие ученици.  Не можеме да кажеме дека ќе можеме да ги опфатиме тотално, а вештачки тоа да го правиме, не е во ред. Има позитивни примери од скандинавските земји на кои се повикуваат надлежните, но ние не можеме да споредуваме еден систем каков што е тој и оној кај нас. Нас години и години ќе ни требаат да се адаптираме и нешто да промениме на подобро. Јас сум оптимист дека ќе се мрднеме од мртва точка, но не можам да кажам дека ќе го направиме како што треба – истакна за ММС, дефектологот Анита Стојчевска.

текст и фото: Орце Костов

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.