ММС

Објавено на: 06/7/21 12:25 PM

Компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут може да ја загубат лиценцата – Бектеши најдоцна до среда ќе ги објави нивните имиња

Министерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција рече дека има основ да им се одзеде лиценцата за работа на компаниите кај кои ќе се утврдат неправилности при увозот на мазут.
Утре или најдоцна до среда претпладне ќе бидат објавени имињата на овие компании како и наодите од анализите кои ги направија институциите.
За одземање на лиценцата за работа на овие компании или дали ќе има прекршочни и парични казни, одлучува Регулаторната комисија.
– Според моите информации, Државниот пазарен инспекторат доставил информација до Регулаторната комисија и согласно нивните правилници, секако РКЕ ќе одлучи дали ќе има прекршочни казни или ќе им бидат одземени лиценците. Во случај кога одредени компании не ги исполниле очекувањата согласно правилникот, и во делот на залихите и во делот на квалитетот, секако тоа е основ за одземање на лиценца, рече Бектеши.
Тој рече дека се вршеле контроли не само во увозот на нафтени деривати, туку и во складиштата кои се занимаваат со продажба на мазут. Бектеши потврди дека во случајот со вратените цистерни од страна на Царината е утврден поголем процент на вода и прашина од дозволеното, односно во цистерните имало повеќе од 1% вода колку што е дозволено со правилникот.
– Одредени цистерни имале над четири проценти вода. Но, не е проблемот само водата, имало надминување и на параметрите во однос на пепелот. За детали ќе причекаме утре или најдоцна во среда. Параметрите се надминати во складиштата кои се занимаваат со продажба на мазут – рече Бектеши и додаде дека не чувствува одговорност за овие случаи затоа што неговиот сектор имал одговорност само во однос на подзаконските акти, не и во спроведувањето и контролата.

Орце Костов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.