ММС

Објавено на: 06/7/21 11:44 AM

Зелената агенда почна од министерство за економија – Утре јавен повик за субвенционирање на вградување на плин

Утре ќе биде објаен јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на алтернативни горива за возилата како што се плин и метан, за што се обезбедени 11 милиони денари, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши на прес-конференција.

Сите граѓани кои од 8 јуни ќе покажат сметка дека вградиле плин, метан или друго алтернативно гориво, ќе можат да остварат поврат на 50% од своите средства, но не повеќе од 18.000 денари.

– Може да аплицираат сопствениците на возила од 2005 година па наваму. Тие што од 8 јуни па натаму ќе вградат ваков уред во своите возила треба со преправеното возило да се упатат во станиците за технички преглед кој ќе ја константира преправката. Потоа сопственикот ќе биде упатен во МВР каде што треба да го пријави атестирањето. МВР ќе му издаде уплатница која треба да биде доставена во станицата за технички преглед каде што се прави проверка на возилото и по која се извада потврда за сообразност и пропратно писмо. Со овие два документи сопственикот на шалтерот се враќа на шалтерот на МВР каде што ќе добие нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана промената – истакна Бекштеши.

Целата постапка треба да трае најмногу до три дена. Документацијата е потребно да се достави во архивата на министерството, а сопственикот треба да има

пополнето барање и изјава, фискална сметка со сметкопотврда, копија од сообраќајна дозвола за возилото заверена на нотар во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка.

Огласот ќе трае точно 60 дена од денот на објавување и ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен”. Надоместок на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во едно семејство.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.