ММС

Објавено на: 06/7/21 8:13 AM

Пендаровски за „Политика”: За македонскиот идентитет не може да се преговара

Македонскиот идентитет и јазик не се, ниту пак би можеле да бидат предмет на какви било преговори. Нашиот идентитет и македонскиот јазик се резултат на културен и научен факт, резултат на долгогодишниот историски и културен развој. Впрочем, процесот на развојот на нашиот идентитет и јазик по ништо не се разликува од развојот на јазиците и културите на соседните народи, истакнува претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за белградска „Политика” објавено денеска.

– Северна Македонија споредено со своите соседи, најдоцна ја заокружува својата државност низ еден сложен процес на борба за национално ослободување и еманципација и веројатно тој фактор има големо влијание врз одредени негаторски тенденции кај дел од јавноста и политичарите во соседните држави. Меѓутоа, нашата државност и нашиот стандарден јазик се заокружен процес и тој факт треба да биде прифатен од сите, како клучен чекор кон градењето на соработка имајќи предвид дека сите соседни држави имаат иста стратешка ориентација во Евроспката Унија, вели Пендаровски.

Во интервјуто, како што јави дописникот на МИА од Белград, претседателот Пендаровски говори и за евроинтегративниот пат на земјата, за спорот со Бугарија, како и за помошта што земјата ја доби од Србија во справувањето со последиците од пандемијата.

-Ние сме и благодарни на пријателска Србија за навремената помош во справувањето со последиците од пандемијата, а особено во процесот на вакцинацијата. Србија стори се што е во нејзините можности да ни помогне и ние тој пријателски гест знаеме да го цениме и нема да го заборавиме, нагласува Пендаровски.

Во поглед на препреките на европскиот пат на Северна Македонија и земјите од регионот, Пендаровски со став дека РСМ направила тешки компромиси со цел да стане полноправна членка на НАТО и во иднина членка на ЕУ.

-Членството во ЕУ е клучно за севкупниот развој на сите држави и за европската интеграција немаме реална алтернатива. Но, интеграцијата на регионот во ЕУ е и стратешки интерес за самата Унија, па и геополитичко прашање, во контекст на заложбите за зајакнување на улогата на Унијата како актер во меѓународниот поредок. ЕУ им даде јасно ветување на државите од регионот дека имаат европска перспектива уште од времето на Солунскиот самит во 2003 година. Вложувањето на напори за реализација на ова ветување е прашање и за кредибилитетот на самата Унија. Често пати слушаме за замор од проширувањето, што од аспект на дневната политика е разбирливо, но стратешки, европскиот проект нема да биде комплетиран без интеграцијата на нашиот регион во ЕУ, смета Пендаровски.

 

МИА

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.