ММС

Објавено на: 06/5/21 2:49 PM

(видео)Петар Тодоров: Не е точно дека сме прифатиле за цар Самоил дека е Бугарин

Историчарот Петар Тодоров кој е и член на бугарско-македонската комисија за историја и образование, во емисијата „Стадион“ на Канал 77 тврди дека не е точна изјавата на нивниот колега член на комисијата од бугарска страна дека Цар Самоил бил договорен па потоа македонските колеги  се премислиле.

„ Тоа што е договорено е договорено, во однос на тие заеднички чествувања и во однос на некои препораки кои се однесуваат и за учебниците по историја во Македонија и за учебниците во Бугарија. Ние ги даваме тие работи на Владите и тие понатаму треба да постапат. Но не само Македонија е таа што треба да ги имплементира тие работи, има и за бугарските учебници препораки што треба да ги направат нивните институции. Тоа треба да се објасни затоа што кај нас има дефетизам кон се’ што ќе се направи. Кога се изготвени препораките за 5-ти клас во Бугарија и 6 одделение во Македонија  , дадени се препораки што треба да се промени во бугарските учебници и тука станува збор за периодот од античката историја. Сега се прават препораки за средновековието, препораки за нашите учебници,“ вели  Тодоров.

Тој додава дека за прв пат кога работеле за цар Самоил, работеле на текст за заедничко чествување, не е тоа текст за препорака за учебници.

„ Мора да се знае дека комисијата има два аспекти од нејзината работа. Едниот аспект се тие заеднички чествувања кои може да се наречат политики на сеќавање, официјални чествувања, комеморации. Државата одлучува што ќе чествува, што ќе слави. Вториот аспект е препораки како да се подобрат учебниците, како тие не би поттикнувале омраза, спорови, и како не би се користеле за градење на спорови со соседите, во случајов со Бугарија. Тоа се нарекува образовни политики. Тоа се две различни работи и тука мора да се внимава. Ние сметаме дека образовните политики и препораки треба да поттикнуваат создавање на едно историско образование кое ќе развива критично мислење кај децата а не да им даваме готови решенија и митови и со тоа да создавме понатаму проблеми во државата. На пример ако кај нас цар Самоил  се смета како цар кој владеел со некоја држава која нема никаква врска  со Бугарското средновековно царство, во Бугарија се смета дека тоа е Бугарско царство, значи ние мораме да најдеме решение како децата би сфатиле во што лежи проблемот, зошто тие два народи всушност спорат околу минатото. Треба да се поттикне кај детето критички да размислува за утре тоа да не биде подложно на манипулации“, објаснува Тодоров.

Според него глупаво е денес два народа да спорат за цар Самоил, за нешто што се случило пред 1000 години.

Тој додава дека комисијата не ги пишува учебниците, туку само дава препораки. За тоа понатаму решаваат институциите.

„ Многу е важно политичарите и историчарите да не направат некои чекори кои може да ја усложнат или проблематизираат работата , како што тоа беше на почетокот, кога имплементацијата на договорот со Бугарија се гледаше низ работата на комисијата, со што се направи проблем. Ние сме експерти ангажирани да понудиме решенија за овој симболичен спор од минатото се надмине и тука завршува нашата улога“, образложи Тодоров.

Во врска со Гоце Делчев, Тодоров вели дека никој не спори дека тој е роден во Кукуш, дека учел бугарско -егзархиско училиште. Тоа се факти кои што никој не ги оспорува, уште повеќе ги крие.

„ Јас не сум матичар за да му утврдувам за Гоце Делчев кој бил и што бил. Комисијата треба да утврди кои се елементите кој Гоце Делчев го прави важен и за македонското и за бугарското општество,“изјави Тодоров во неговото гостување во емисијата Стадион на Канал 77.

Следниот состанок на мешовитата македонско-бугарска комисија за историја и образование ќе се одржи на 10 и 11 јуни. Агендата не е утврдена, но учебниците сигурно ќе бидат една од точките на дискусија.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.