ММС

Објавено на: 06/5/21 10:58 AM

Луѓето како него не умираат – прерано починатиот Трајче Нешковски добитник на највисокото признание на Лекарската комора

Млад лекар во подем со голем потенцијал, искрено посветен на работата, од кој младите лекари треба да учат што значи доктор. Ова за прерано починатиот доктор Трајче Нешковски го кажа д-р Даница Милевска Поповиќ, објавувајќи ја одлуката на комисијата да му го додели највисокото признание на Лекарската комора на Македонија – плакетата Свети Наум Охридски.

Одлуката беше соопштена на одбележувањето 29- годишнината од основањето на оваа професионална докторска асоцијација со јавни овластувања.

-Трајче Нешковски беше млад лекар во подем со голем потенцијал, исклучителен квалитет, посветен на работа. Прераната смрт застана на патот на неговите успеси и подеми.  Д-р Нешковски останува светол пример од кој младите треба да учат што значи да се биде доктор, рече д-р Милевска Поповиќ.

Беше прикажано и кратко видео, како сведоштво за прерано згаснатиот живот на д-р Нешковски, изработено од неговата колешка д-р Сузана Арбутина.

32-годишниот д-р Трајче Нешковски беше специјалист интернист од Клиниката за пулмоалергологија и дел од тимот кој работеше во Козле. Почина во сообраќајна несреќа во Скопје, на враќање од дежурство.

-Луѓето како него не умираат, рече неговата колешка, Ема Нешковска.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.