ММС

Објавено на: 06/4/21 3:48 PM

Повеќе од три седмици во две општини нема новозаболени од Ковид-19

Изминатите три седмици во општините Македонски Брод и Пласница не е евидентиран ниту еден случај на инфициран со Ковид-19, потврди за МИА, Жарко Симески директор на Здравствениот дом во Македонски Брод, каде во тек е имунизација на месното население со кинеската вакцина на „Синофарм“, а од следната недела ќе почне и ревакцинација со дози од истата компанија.

-Во нашата општина  имаме позитивен тренд без новозаболени од Ковид-19 повеќе од три седмици. Не само што немаме новозаболени, туку и бројот на активни случаи се сведе на минимум и за една недела очекуваме да нема ниту еден активен случај заболен од Ковид-19. Во исто време тече вакцинацијата на граѓаните со кинеската вакцина на „ „Синофарм“ и досега се вакцинирани 500 наши сограѓани. Во изминатиот период најпрво 200 жители во општината примија вакцина на „Астра Зенека“ и потоа 300 граѓани се имунизираа со кинеска вакцина. Од понеделник ќе почне ревакцинација на нашите сограѓани кои ја примија вакцината на „Синофарм“ и за почеток очекуваме да пристигнат 300 дози од оваа компанија, вели директорот Симески.

Во Општина Пласница изминативе три недели нема регистрирано новозаболени од Ковид-19 , во истиот период се одвива имунизацијата на месното население.Ако на почетоткот жителите на оваа општина ја одбиваа вакцината на „Астра Зенека“, откако увидоа колкав е интересот за вакцинација повеќе не ги интересираше која вакцина ќе ја примат, нагласи докторката Емануела Белулоска.

-Во нашата општина тече имунизацијата на месното население и досега се вакцинирани над 250 жители на општина Пласница.  Карактеристично е што жителите на Пласница повеќе не прашуваат со која вакцина ќе бидат имунизирани, единствена цел им е да се вакцинираат и да се заштитат од опасниот вирус, додаде Белулоска.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.