ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 06/4/21 2:54 PM

Не ја прифаќаме декларацијата на бугарскиот парламент, дециден е премиерот Заев

Премиерот Зоран Заев вели дека е запознат со декларацијата на бугарскиот парламент, зошто таа и не е тајна, но е дециден дека нема да ја прифати. Тој потенцира оти се надева дека португалскиот предлог ќе стане решение, бидејќи води грижа и за двете страни.

– Се надевам на можно решение, но не треба да ги креваме очекувањата бидејќи сепак Бугарија има техничка влада. Треба да работиме на тоа и драго ми е што нашите министри за надворешни работи имаат дневна и неделна комуникација и разменуваат идеи. Благодарен сум и на сите европски, па и светски лидери кои разговараат со нас, но и со бугарските политичари, се со цел пријателите да помогнат. Навистина е неправда ова 16 годишно чекање со кандидатски статус и ова треба да е грижа и гајле на ЕУ, бидејќи Западен Балкан нема друга алтернатива. Ние ќе продолжиме да се европеизираме, но би било чесно тие да го одржат зборот, бидејќи ни ветија, рече Заев.

Тој се надева дека исчекор во евроинтеграциите ќе се направи на 22 јуни на Советот на општи работи на ЕУ, или пак во септември.

Ваквиот одговор доаѓа откако вчера лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, објави дека добил информации од дипломатски извори оти деновиве се координирале тајни преговори со Бугарија, каде се нудело декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со ЕУ.

– Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија. Заев се колнеше дека не прифаќа преговори за идентитетот и јазикот, а со прифаќањето бугарската Декларација да биде дел од преговарачката рамка на ЕУ, директно нѐ става во позиција да преговараме за македонскиот идентитет и јазик. Тоа е потег еднаков на предавство на македонскиот народ. Моите информации говорат дека сето ова, дуото Заев-Бучковски планира да биде потпишано од нив, без да има расправа и усвојување на документот во Собранието на Македонија, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

За португалскиот предлог, пак, вели дека „само политички аматер како Заев“ би градел дебата околу предлог кој бил експресно одбиен од бугарската страна.

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1