ММС

Објавено на: 06/4/21 2:19 PM

Со ДУИ воопшто ни не сме разговарале за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје, вели премиерот Заев

По шпекулациите дека СДСМ и ДУИ на престојните локални избори ќе излезат со единствен кандидат за градоначалник на Град Скопје и мноштвото имиња кои се појавија во јавноста, премиерот Зоран Заев денеска ги негираше ваквите наводи. Тој вели дека со ДУИ воопшто ни не разговарале на оваа тема, туку се работи за промена во нивната партија.

– Се работи за нешто кое што претставува модернизација на нашиот коалиционен партнер и логично е да оставам за деталите да зборуваат тие. Секако е во духот на тоа што го работиме како Влада, се работи за политичка платформа, перспективи иднина и сл. Се надевам дека ќе постигнат нови успеси заради тоа што е модернистички пристап, рече премиерот Заев.

Инаку лидерот на ДУИ, Али Ахмети, завчера од Липково од каде што ја почна постапката за избор на кандидати за градоначалници, најави дека има големо изненадување за утре, 5. јуни.

– На 5. јуни повторно нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за првиот албански премиер, рече тогаш Ахмети.

Медиумите почнаа да објавуваат  за заеднички кандидат за градоначалник на Скопје, а меѓу имињата кои се појавија се оние на поранешниот министер за здравство Имер Селмани и потпретседателот на ДУИ и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.