ММС

Објавено на: 06/4/21 11:48 AM

Пратката од 500.000 вакцини од „Синовак“ се очекува во следните седум дена, најави Филипче

Во следните седум дена се очекува да пристигне пратката со 500 илјади дози од вакцината на кинескиот производител Синовак – најави денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Тој добил ваква најава од амбасадата на Народна Република Кина, додека за руската вакцина
Синовак В се’ уште нема точен датум и динамика на пристигнување.

Месецов се очекуваат да пристигнат и стотина илјади дози од вакцната на Фајзер преку Ковакс механизмот. Од овој производител согласно најавата, секој понеделник во земјава ќе доаѓаат нови количини обезбедени како со билатерален договор, така и со системот за солидарност на земјите членки од ЕУ.

„Не постои граѓанин на кој не му е обезбедена и втората вакцина. Како што доаѓаат вакцини, првата половина од количината се планира за првата доза, а другата половина  се чува за ревакцина. Мислам дека тоа е добра стратегија“, истакна денеска министерот.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто Македонија досега не се одважи да донира вакцини ако се знае дека одреден број дози и нам ни пристигнаа како донација, тој посочи дека ние немаме доволно количини за да размислуваме да дадеме на некој друг.

„Ќе размислуваме тогаш кога ќе се исцрпат сите граѓани од листата на веќе пријавени за вакцинација, тогаш кога ќе ги отвориме вратите на вакциналните пунктови за да се вакцинираат граѓани и без  закажување.  Според нашите очекувања и проценки тоа може да биде на крајот на јуни или почетокот на јули нашите потреби ќе бидат целосно задоволени и потоа може да разговараме за опциите“, додаде Филипче.

Во однос на работата на угостителските објекти рече дека се уште нема препораки за организирање свадби и други прослави во затворените делови.

„Има протоколи за одржување разни настани и тука сметаме дека во рамките на таа организација протоколите може да се почитуваат, но нема да се почитуваат за време на веселби и свадби или за време на подолгите работни часови во угостителските објекти во затворените делови. Останува препораката да функционираат само на затворено“, појасни тој.

Прашан дали може да очекуваме нормално лето, тој истакна дека никој во светот во ниту една земја не може да даде точно предвидување.

„Може да има некаква мутација на вирусот и тоа да ја смени сликата епидемиолошка. Во некои земји во светот се случи, но вакцинацијата помага да нема смртни случаи. Гледајќи како се одвива ситуацијата во регионот, нашата проценка со резерва е дека во следните 2 месеца ќе имаме стабилна епидемиолошка ситуација. Граѓаните треба да знаат дека кога се групираат не е лошо маската да им е при рака и да ја стават. Сегашните параметри ги следат трендовите на намалување, нема знаци дека нешто ја влошува епидемиолошката ситуација“, изјави министерот од пред Клиниката за трауматологија и ортопедија во Скопје.

Оваа Клиника денеска доби донација од Црвениот крст, а меѓу донираното има и мали транспортни апарати за вентилаторна поддршка, кои како што наведе Филипче, се корисни кога пациентите се префрлаат од една во друга здравствена установа. Тој најави и дека едното крило од  оваа Клиника ќе биде реконструирано, а се очекува најкомплексните зафати таму, во реновирани услови да се прават веќе од следниот месец.

Според Филипче, ковид центрите се затворени и болниците веќе функционираат нормално.

„Кога зборуваме за ковид центри зборуваме за центри на кои тоа им беше дејност односно кои третираа инфективни пациенти со тоа што ги зголемија капацитетите, но и клиники кои се преадаптираа и тука функционираше системот на ротација на пулмолози, инфектолози и тн. Во овој момент нема болница на која тоа не и’ е дејност, беше ковид центар и продолжува и понатаму. Сите се вратени во својата нормална работа. Има пациенти со ковид на Инфективната клиника тука во Скопје и уште неколку пациенти на Институтот за белодробни заболувања, а по болниците во рамките на инфективните одделенија каде што се третираат ковид пациенти“, додаде министерот.

 

Фото: Архива

В. Ми


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.