ММС

Објавено на: 06/3/21 3:02 PM

Новиот зелен сквер „Острово“ во Аеродром денеска официјално отворен

Скопје од денеска е побогат за уште еден зелен сквер, на крстосницата меѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров во Аеродром, кај „Палма“. На барање на локалните жители, на оваа претходно запуштена јавна површина е поставен модерен летниковец, вметнат меѓу постојното високо зеленило, кружни клупи, патеки и нова фонтана за вода. На летниковецот е поставено иновативно осветлување, а целиот простор е дополнително облагороден со зеленило. На официјалното отворање на новиот зелен сквер „Острово“ денеска присуствуваа градоначалникот Петре Шилегов, Нарине Сахакјан, постојаната претставничка на УНДП во нашата земја и градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин.

„Ова е последната од петте локации што оваа година ги промовиравме, а коишто ги работевме заедно со Скопје Лаб и со УНДП, како една акција за уредување микро средини во која инклузивно беа вклучени и граѓаните. Тие микро средини беа уредувани во согласност со потребите на граѓаните, по основ на анкетите кои ги направивме со луѓето коишто гравитираат и живеат овде. Одбиравме сериозно девастирани површини кои можат да бидат ставени во употреба, но граѓаните не ги употребуваа токму поради тоа што беа запуштени и долги години неодржувани. Оваа парцела е на околу 1.000 квадратни метри, на раскрсницата меѓу улицата Владимир Комаров и булеварот Јане Сандански и е направена врз основа на потребите на луѓето коишто живеат од двете страни на булеварот. Со гордост можам да кажам дека сега кога и официјално го отвораме овој сквер за граѓаните тој е веќе препознатливо место каде што луѓето од општината Аеродром доаѓаат да ги поминуваат своите слободни часови“, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој потсети дека Градот Скопје во изминативе три години сериозно инвестира во зазеленување на слободните површини во нашиот град, но и во облагородување на запуштените површини.

Локацијата на овој нов зелен сквер е избрана од граѓаните во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП која започна во 2018 година. Во процесот беа вклучени различни возрасни групи на граѓани преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат во овој дел од населбата. Мапирани беа однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро да се разбере постојниот социо-културен контекст.

Овој јавен простор е дел од поголем проект за ревитализација на напуштени површини во Скопје преку инклузивен и колаборативен процес кој им дава глас на жителите во редизајнот на јавните површини. Преку Скопје Лаб успешно вклучивме жители во процесот на редизајнирање на 17 напуштени и неискористени површини низ градот. Јавната површина „Острово“ е последната од пет напуштени површини кои беа уредени во зелени, инклузивни и функционални простори. Ова е една од две такви површини во Аеродром. Напуштениот простор е трансформиран во модерен парк според концепт што произлезе од кодизајн процес кој им овозможи на жителите да работат заедно со дизајнери, архитекти и професионалци за урбано планирање – објасни Нарине Сахакјан, постојаната претставничка на УНДП.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.