ММС

Објавено на: 06/3/21 2:15 PM

Операторот кој МВР го избра за новите сообраќајни таблички немал меѓународен сертификат – Раде Кончар обвинува за пропусти при постапката

Компанијата Раде Кончар – Контактори и Релеи ДОО од Скопје изнесе неколку тврдења во врска со недостигот на регистарски таблички за кој ММС пишуваше неколку пати изминатите два месеца.

Минатиот месец МВР избра нов економски оператор и поради постапката се случи застој во процедурата на издавање на сообраќајни дозволи и регистарски ознаки кој граѓаните скапо го платија со вадење на пробни таблички.

А, новиот економски оператор кој го избрало МВР, не е познат во јавноста. ММС пишуваше дека операторот е всушност група на понудувачи од македонска и германска фирма со кои е потпишана тригодишна рамковна спогодба.

МВР досега набавуваше регистарски таблички од компанијата Раде Кончар од Скопје која во јавноста беше обвинета дека доцнела со испораката иако таа како фирма била елиминирана при јавниот повик за набавка.

Во декември 2019-та беше потпишан договор за една година во висина од 575 илјади евра за испорака на 80 илјади пара регистарски таблици.

„Постапката за набавка на регистерски таблички трае повеке од 9 месеци. Причината лежи во честите измени во тендерската документација коишто ги објавуваше Министерството за внатрешни работи како и пропустите при водење на постапката.

Имено, нашата понуда при првична евалуација беше отфрлена како неприфатлива, заради технички грешки во понудата, без да ни биде дадена можност да ги исправаме, додека на останатите понудувачи им беше дадена дополнителна можност да достават сертификати МКC EN ISO 9001:2015 и MKC EN ISO 1400:2015 коишто се бараа во тендерската документација, а коишто ги немаа доставено кон понудата, иако тоа е спротивно на Законот за јавните набавки.

Дополнително би истакнале дека економските оператори на коишто им беше овозможено да учествуваат на електронска аукција не располагаат со сертификат од Меѓународно акредитирана лабораторија, кој потврдува дека регистерската табличка е во целост усогласена со стандард МКС ISO 7591-2009 (моторни возила-ретрорефлектирачки таблици за моторни возила и приколки). Како единствен производител на регистерски таблички во земјата, со повеќе од 20 години искуство во оваа дејснот и учесник на меѓународни тендерски постапки за регистерски таблички и кој притоа поседува сертификат од меѓународно акредитирана лабараторија, бевме отфрлени уште во постапката на евалуација на понудите. Одлука ја обжаливме со поднесување на жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки.

Државната комисија за жалби по јавни набавки ја увиде оваа околност и даде насоки согласно коишто му укажува на договорниот орган дека при вршење на повторна евалуација на понудите, е потребно да изврши правилна евалуација, која ќе биде во согласност со барањата и условите наведени во тендерската документација. При повторната евалуација, ние повторно сме елиминирани од постапката, а мострите на економските оператори на коишто им беше овозможено да учествуваат на повторената електронската аукција, повторно не содржат ваков сертификат.  Понудите на истите требаше да бидат отфрлени како неприфатливи, а не да им се овозможи повторно да одат на електронска аукција. Во врска со сето погоренаведено од наша страна вложена е повторно жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки и се надеваме дека истата ќе постапи во согласност со нашата пријава и ќе ги уочи сторените неправилности и ќе спречи настанување на ненадоместлива штета, односно испорака на неквалитетни регистерски таблици, меѓународно непризнаени, во крајна линија неиспорака на регистерските таблици и доведување во прашање на стекнатиот меѓународен углед на Република Северна Македонија. Во моментов, доведено е во прашање и нормалното пуштање во сообраќај на моторни возила, нормалното функционирање на сообраќајот и функционирањето на многубројните дејности.

И покрај недостаток на регистарски таблички повеќе од 5 месеци во земјата, не гледаме никаква реакција од надлежните институции и изненадени сме од небрежноста на релевантните фактори“, стои во реакцијата на Раде Кончар – Контактори и релии до јавноста.

 

Орце Костов

 

 

 

 

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.