ММС

Објавено на: 06/3/21 2:02 PM

Рузвелтова доби нов изглед со дрворед и тротоар

Обновен е дрворедот на улицата Рузвелтова, на потегот од булеварот Илинден до улицата Орце Николов, од страната на општината Центар. Заменети се сите исечени и паднати дрвја со нови, здрави висококвалитетни садници од видот црвен јавор.

„На улицата Рузвелтова, една од антологиските градски улици, екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ во изминатиот период извршија целосна обнова на дрворедот и на зеленилото. Пред две години почнавме со замена на дрвјата на почетокот на Рузвелтова, на оние исечени диви костени, а сега целосно е обновен дрворедот со црвени јавори кои се автентични растенија за скопската котлина. Полека се движиме од Малиот ринг кон периферијата со овој начин на уредување на јавниот простор. Гледате дека овде на Рузвелтова за првпат имаме одделен велосипедски и пешачки сообраќај за да овозможиме и алтернативен пристап до Зоолошката градина којашто е една од најпосетените институции во нашиот град. Знаете колкава девастација на зеленилото имаше во изминатите 15 години, пред доаѓањето на оваа градска администрација, особено во централното градско подрачје. А сега, со обновувањето на зеленилото, обезбедуваме нов квалитет на јавниот простор во нашиот град. Се обидуваме секаде каде што е возможно да ги замениме исечените дрвја и да ги обновиме дрворедите како што е во овој случај, а просторот кој беше неформално паркиралиште на тротоарите да го направиме простор по кој движењето ќе биде похумано“, рече градоначалникот Петре Шилегов на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека пролетната акција за раззеленување на Скопје е во полн ек.

„Мислам дека она што го направивме во изминатите три години во поглед на зеленилото и тоа како го менува ликот на нашиот град“, нагласи Шилегов.

На денешната прес-конференција присуствуваа и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ардијан Муча.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.